/ Прочитано:

1.018

Тркалезна маса за Законот за кривична постапка на тема: ,,Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организира Тркалезна маса за Законот за кривична постапка на тема: „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“. Советувањето се организира за судии од кривичните оддели, за јавни обвинители од сите апелациони подрачја и за адвокати.

Во рамките на советувањето свои излагања имаат: д-р Марин Мрчела, судија во Врховниот суд на Република Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО) на Советот на Европа, д-р Лаура Валковиќ, адвокат од Загреб и Дражен Трипало, судија во Врховниот суд на Република Хрватска. Анета Арнаудовска, директорка на Академијата, во своето поздравно обраќање нагласи дека улогата на судијата во текот на главната расправа, во поглед на раководењето со постапката, е од исклучителна важност бидејќи, како што рече, тој треба да биде неутрална странка.

Хрватските експерти покрај значењето на судечкиот судија од аспект на законодавството, процедурата и практиката, посочија дека е клучно да се работи и на промена на свеста за неговата улога затоа што судиите на овие простори беа научени на поинаква улога.Од аспект на постапката и законската регулатива, на советувањето поконкретно ќе се говори за листата на докази и за редоследот на изведување докази на главна расправа, за улогата на судијата при испитување на сведоци и вештаци  и при изведување на други докази (материјални докази, писмени докази и сл.), обвинителскиот товар на докажување од една страна и товарот на убедување од друга страна. На советувањето ќе се говори и за правото на одбрана и начелото на еднаквост на оружјата.

M.В