/ Прочитано:

1.608

Тројца приведени за инцидентот на Клиника – лекарот надвор од животна опасност

Понеделник, 9 ноември 2015 – Во врска со оружениот инцидент што се случи утринава во Клиничкиот центар во Скопје, при што беше повреден еден лекар, осомничени се три лица од Скопје на возраст 30, 34 и 36 години и се приведени во полициска станица.

Во моментот се разговара со нив и се работи на утврдување на мотивите за нападот. Пиштолот е одземен и даден на вештачење и се утврдува кое од трите лица пукал кон лекарот, појаснуваат  од СВР­ Скопје.  Еден од напаѓачите бил син на тешко болна пациентка која била хоспитализирана и починала на Клиника.

Повредениот лекар од одделението за дигестивна хирургија е опериран и е надвор од животна опасност.

Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија Александар Караѓозов, објасни дека медицинскиот тим имал согласност од семејството за да се преземе рискантна операција, но додава дека од страна на медицинскиот тим било постапено според правилата.

„Кај жената имало гнојник во жолчникот. Потоа била направена операција и фамилијата дала согласност. Операцијата минала без проблем и е пренесена на интензивна нега. Сабајлето околу 7 починала. Има многу нешта, посебно малигномите кои се „тригери“ за влошување. Овде немало лекарска грешка. Од дијатеза дошло до згрутчување на крв и најверојатно дошло до застој на срцето. Но, обдукцијата ќе каже се“, рече доктор Караѓозов.

Лекарите стравуваат за својата безбедност

По инцидентот првично лекарите од Клиника најавија протестен собир, но откако неколку лекари излегоа, се премислија и влегоа во амфитеатарот на Хируршката клиника. По неколкуминутен собир во  амфитеатарот од каде што можеше да се чуе ракоплескања, лекарите излегоа и го осудија инцидентот и побараа поголема заштита.

„Овој собир беше спонтан затоа што ние чувствувавме потреба да го изразиме револтот, а револтот е огромен, буквално на сите. Ако се чувствуваме небезбедно, ако сме постојано под притисок дека некој може физички да не ликвидира, на работното место, тоа значи дека во здравството се случуваат пресериозни и преопасни работи. Постојано имаме тензија, постојано имаме закани од пациенти кои мислат дека се може да им биде дозволени“, изјави д-р Викторија Чаловска.

Тодоров: Чувствувам морална одговорност за секој настан што се случува во здравството

Министерот за здравство Никола Тодоров чувствува морална одговорност за  немилиот настан, но не дава оставка.

„Чувствувам морална одговорност за секој настан што се случува во здравството и се она што ќе се случи, нормално е да ме тангира. Не знам дали некој во светот може да спречи некој кој е со ваков морален код да го направи тоа што го направи“, изјави Тодоров.

Министерот за здравство нагласи дека денеска е договорено на Хирургија до одредено време да бидат отворени само две влез-излез локации, а другите врати ќе бидат затворени. Тој нагласи дека е договорено да има зголемено обезбедување во целиот кампус на Клиниките.

„За среќа, повредениот доктор не е во животна опасност. Очекуваме институциите да го санкционираат лицето кое се осудило на ваков нецивилизиран начин да посегне по животот и здравјето на еден лекар. Лекарот и да згреши си има институции кои ќе го казнат. Никој не смее да посегне по животот на лекарот, посебно кон тој што се борел да ја спаси пациентката“, рече Тодоров.