/ Прочитано:

670

Царината во јули поднела десет кривични пријави

Вторник, 5 август 2014 – Постапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија во јули 2014 година до надлежните јавни обвинителства поднела 10 кривични пријави против 8 правни и 11 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Изнесување односно извезвезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

-Кривична пријава е поднесена против две физички лица, државјани на Босна и Херцеговина, поради обид за криумчарење на 317 грама марихуана.

На 30.06.2014 година, на граничниот премин Табановце автопат, осомничените, со патничко возило со босански регистарски таблички, се пријавиле за излез од Република Македонија. При контрола на возилото, во фабричка шуплина помеѓу задното лево крило и багажниот простор, пронајдена е една паковка наполнета со непозната растителна материја со зеленкаста боја, обвиткана со најлонска фолија и облепена со кафеава селотејп трака.

По извршено вештачење од страна на МВР-Оддел за криминалистичка техника утврдено е дека непознатата растителна материја e марихуана со вкупна маса од 317 грама.

Изнесување односно извезвезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости

– Кривична пријава е поднесена против едно физичко лице, државјанин на Република Македонија, заради обид за нелегално да изнесување на културни добра од државата.

На 28.06.2014 година, на граничниот премин Железничка станица Гевгелија, патувајќи со меѓународен експресен воз на релација Белград-Скопје-Солун, осомничениот се пријавил за излез од Република Македонија. При извршен личен претрес и преглед на неговиот багаж, на самото дно од патна торба покриени со лична гардероба, како и во предниот лев џеб од панталоните, пронајдени се повеќе најлонски кеси во кои имало разни монети, стари пари, ордени и книжни пари.

По извршено вештачење на привремено одземените предмети од страна на Националниот институт-Археолошки музеј на Република Македонија, добиена е стручна експертиза според која 29 сребрени и бронзени монети преставуваат културно наследство според Законот за културно наследство.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

Осум кривични пријави против 8 правни лица и 8 физички лица се поднесени заради обиди за внесување стока која е предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи.

-Пет кривични пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство во Скопје, од кои:

Две кривични пријави се поднесени против две правни лица од Скопје и нивните одговорни лица, македонски државјани од Скопје.

Во првиот случај, за потребите на правното лице, кое од порано е познато како сторител на исто кривично дело и против кое досега се поднесени пет кривични пријави, со три царински декларации на царинската испостава Скопје 1 и царинската испостава Богородица, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката откриени се вкупно 1.102 текстилни производи (чорапи, долни тренерки и блузи) и 359 детски играчки-телефони, со ознаки на разни заштитени трговски марки.

Во вториот случај, за потребите на правното лице, со две царински декларации на царинската испостава Скопје 3, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Србија. При извршениот преглед на стоката откриени се 99 покривачи со ознаки на заштитена трговска марка.

– Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Струмица и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Струмица, од порано познати како сторители на истото кривично дело, против кои досега се поднесени три кривични пријави.

За потребите на правното лице, со седум царински декларации на царинската испостава Скопје 1, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката откриени се вкупно 1.362 текстилни производи (тренерки, панталони, блузи, џемпери, кошули, шалови и др.), 245 ташни, 83 пара обувки, 2.333 делови за автомобили (капаци за тркала, приврзоци за клучеви и налепници) и 107 сијалици со ознаки на разни заштитени трговски марки.

-Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Тетово. За потребите на правното лице, со две царински декларации на царинската испостава Скопје 1, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Бугарија. При извршениот преглед на стоката откриени се 323 готови текстилни производи (маици, долни тренерки и долна облека) и 37 рачни часовници со ознаки на заштитени трговски марки.

-Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Тетово и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Кичево. За потребите на правното лице, со две царински декларации на царинската испостава Пошта Скопје, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од САД. При извршениот преглед на стоката откриени се 6 паковки  етерични масла со ознаки на заштитени трговски марки.

-Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Гевгелија против едно правно лице од Скопје и неговото одговорно лице, државјанин на Република Кина.

За потребите на правното лице, со две царински декларации на царинската испостава Богородица, за влез во Република Македонија била пријавена разна стока со потекло од Кина. При извршениот преглед на стоката откриени се 1.820 готови текстилни производи (ракавици и капи) со ознаки на заштитени трговски марки.

-Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Струга против едно правно лице од Гостивар и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Гостивар.

За потребите на правното лице, со три царински декларации на царинската испостава Струга, за увозно царинење била пријавена разна стока со потекло од Турција. При извршениот преглед на стоката откриени се 952 готови текстилни производи (чорапи и маици), 170 пара обувки и 1.000 маски за мобилни телефони со ознаки на заштитени трговски марки.

-Една кривична пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Крива Паланка  против едно правно лице од Скопје и неговото одговорно лице, македонски државјанин од Скопје.

За потребите на царинската испостава Деве Баир за увозно царинење биле пријавени 2.295  освежувачи за воздух со потекло од Бугарија, со фигуративен приказ на заштитена трговска марка.

„Во сите случаи, по увидот на стоката застапниците трговските марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврда од носителите на правото на интелектуална сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите го повредуваат нивното право на интелектуална сопственост. Согласно законските одредби, донесени се одобренија за уништување на стоката која повредува право на интелектуална сопственост“, истакнуваат од Царинската управа.