/ Прочитано:

677

Цариниците запленија 15.000 дезодоранси и тоалетни води

Вторник, 21 јануари 2014 – На грaничниот премин Богородица, вчера, во два одвоени случаја, привремено се задржани околу 15.000 парчиња дезодоранси и тоалетни води, како и 124 чекови со вредност од 1.443.565 евра.

Како што информира Царинската управа, во 13 часот на граничниот премин за транзит низ државата се пријавило лице со турско државјанство кое управувало товарно моторно возило со турски регистарски ознаки натоварено со збирна стока од Турција. Стоката била наменета за фирма увозник од Косово, а требало да транзитира низ Република Македонија. Со транзитна декларација биле пријавени козметички препарати – дезодоранси и тоалетни води.

Транспортерот од Турција претходно, на 28 март минатата година, се обидел да пренесе 42.790 парчиња лак за коса, фалсификати, кои се уништени.

Знаејќи го овој податок, царинските службеници го селектирале камионот за преглед при што се пронајдени дезодоранси и тоалетни води со лого на заштитени трговски марки. Поради основано сомневање дека предметната стока повредува права од интелектуална сопственост, привремено е задржана. Поведена ќе биде постапка за утврдување на нејзината оригиналност.

Вредноста на дезодорансите и тоалетните води доколку би се продавале како оригинали би достигнале девет милиони денари.

На граничниот премин Богородица вчера се привремено задржани и 124 чекови со вредност од 1.443.565 евра. Чековите се откриени кога за влез во Република Македонија се пријавило патничко моторно возило со грчки регистарски ознаки, управувано од грчки државјанин А.К., со кој патувало уште едно лице, Х.З., исто така грчки државјанин. На прашање дали имаат нешто за пријавување, осомничениот А.К. одговорил дека во себе носи 500 евра, но при извршена контрола, во чантата се пронајдени чековите. Откако биле откриени, А.К. изјавил дека е сопственик на фабрика во Грција и дека во Македонија патува службено за да оствари контакти за набавка за потребите на фабриката. Но, поради тоа што не се соодветно пријавени, ниту е приложена потребна документација, чековите се привремено задржани и депонирани во Трезор на Народна банка на Република Македонија.