/ Прочитано:

993

Царинската управа и Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп потпишаа Меморандум за соработка

Четврток, 25 јуни 2015 – Царинската управа и Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп потпишаа Меморандум за соработка чија цел е зајакнување на координацијата и соработката во борбата против нелегалната трговија со тутунски производи.

Меморандумот денеска го потпишаа директорката на Царинската управа Наташа Радеска-Крстевска и генералниот директор на Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп, Емре Козлу и претставник на Филип Морис – Интернешнал менаџмент.

Со потпишување на меморандумот, договорните страни искажаа одлучност и посветеност за реализација и за натамошен развој на ефективна рамка за соработка, што ќе придонесе за подобра наплата на буџетските приходи.

„Нелегалната трговија со тутунски производи, како што е шверцот со цигари, директно го оштетува државниот буџет, а истовремено претставува сериозен проблем за легалната индустрија со тутун и тутунски производи која го почитува законот“, се наведува во соопштението од Царинската управа.

Меморандумот предвидува механизми за соработка меѓу двете страни за борба против нелегалната трговија, меѓу кои се и специфични обуки за царинските службеници и размена на информации за истраги и кривично гонење на прекршителите.