/ Прочитано:

2.007

Центар за граѓански комуникации: 21,3 милиони евра за договори со преговори „во четири очи“

Петок, 31 јануари 2014 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија, кој го опфаќа периодот од јули до септември 2013 година.

Од Центарот посочуваат дека  една третина од мониторираните тендери, договорот за јавна набавка е склучен со фирмата што се јавила како единствен понудувач.

„Во вакви услови, тендерот не завршува со електронски натпревар за намалување на цените преку т.н. е-аукција. Оттука, во овие постапки постои зголемен ризик договорот да е склучен по повисоки цени од реалните на пазарот“, велат од таму.

Според истражувањата, дел од договорните органи продолжиле да користат елементи за бодување на понудите кои не гарантираат објективен избор на најповолната понуда.

Регистрирани биле случаи на доделување бодови на понудувачите со кои договорниот орган и претходно имал договори за јавни набавки, како и повеќе примери на отсуство на јасна методологија за делење на бодовите за квалитет.

„Вредноста на договорите склучени преку постапката со преговарање без објавување оглас во третото тромесечје од 2013 година изнесува 21,3 милиони евра, што е за 52% повеќе од истиот период лани. Сумарно, во првите 9 месеци од 2013 година, вредноста на овие договори изнесувала 47,7 милиони евра. Во третиот квартал од 2013 година, секој четврти тендер бил неуспешен (25,7%). Најчеста причина за поништување на тендерите е поради тоа што не е поднесена ниту една прифатлива или соодветна понуда“, се наведува во анализата на Центарот за граѓански комуникации.