/ Прочитано:

755

ЦИВИЛ: Во Ѓорче Петров, Аеродром и Капиштец „гласале“ и починати лица

Недела, 13 април 2014 – Невладината Цивил, која има 75 акредитирани набљудувачи, на пресконференција информира дека е забележана агитација на партиски функционери, како и починати лица кои биле заведени дека гласале во Ѓорче Петров, Аеродром и во Капиштец.

Претседателот на Цивил, Џабир Дерала изјави дека на едно гласачко место веќе се појавиле граѓани од непостоечката адреса од улица Михаил Чаков. Како што рече Дерала, во Ѓорче Петров, Аеродром и во Капиштец набљудувачите забележале дека правото на глас го оствариле и лица кои се водат како починати. 

Дерала посочи и дека за општина Велес има два различни податока за вкупниот број регистрирани гласачи, и тоа од официјални извори- едниот од Државната, а другиот од Општинската изборна комисија. Разликата е околу 1000 гласачи, рече Дерала, додавајќи оти за ова ќе реагираат до надлежните институции.

На прес конференцијата присуствуваше и Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за Македонија Уранија Пировска, која даде правни толкувања за неколку спорни прашања од текот на гласањето. Таа посебно се осврна на појавата дека т.н. трајно мастило многу лесно може да се извади и со обично влажно марамче, како и на забелешките дека полицијата се однесувала несоодветно на својата должност.