/ Прочитано:

840

ЦРМ во соработка со Нотарската комора: Вoведена електронска регистрација на залог

Вторник, 22 јули 2014 – Централниот регистар на РМ (ЦРМ) вoведе електронска регистрација на залог. Вредноста на новиот систем, кој е надградба на Заложниот регистар, како што беше соопштено на денешната промоција е 250.000 евра. Централниот регистар овој електронски систем, чија цел е поедноставување на административните постапки и пласирање на квалитетни услуги, го спроведува во соработка со Нотарската комора на Република Македонија.

Со овој систем, ќе им се овозможи на корисниците скратување и поедноставување на процедурите за регистрирање залог, намалување на административните бариери, заштеда на време и средства, електронско плаќање на надомест, можност за избор за преземање потврда за упис во хартиена или електронска форма и можност за избор на контакт канцеларија.

 „Системот е – залог е воспоставен како пандан на постојниот процес на регистрација во хартиена форма, со исклучителна разлика која се состои во можноста целокупниот процес, а се спроведе преку интернет, без потреба од физичко присуство, само со примена на дигитални сертификати како средство за идентификација на подносителот“, истакна В.Д. директорот на Централниот регистар на Република Македонија, Андреа Поповски.

Централниот регистар овој електронски систем го спроведува во соработка со Нотарската комора на Република Македонија како професионална заедница која е главен администратор на уписите во овој регистар.

„Можноста што сега ја дава Централниот регистар за поднесување на пријавите за запишување залог по електронски ќе ја забрза постапката за упис на тој начин што целокупната документација потребна да се изврши уписот нотарите ќе ја достават до заложниот регистар скенирана и само во електронска форма, а веродостојноста на приложената документација во електронска форма ќе ја гарантира нотарот со својот електронски потпис. На овој начин ќе се внесе постапката до граѓаните и до правното лице кои нема да треба лично да одат во централниот регистар со што ќе се заштеди на време, а ќе се зголеми и правната сигурност и позитивно ќе влијае врз бизнис климата бидејќи забрзаната постапка за упис ќе доведе до побрз пристап до кредитите кои ги одобруваат деловните банки“, истакна претседателот на нотарската комора на Република Македонија“, велат од Нотарската комора на Република Македонија .

Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, истакна дека ова е уште еден проект со кој преку воведување на нова технологија се создава можност целокупниот процес на регистрирање на залогот и плаќањето на надоместокот да се направи по електронски пат преку интернет со што ќе се скратат редовите на шалтер, ќе се заштеди времето на корисниците на услугите, ќе се подобри квалитетот на услугата, а со тоа се олесни и водењето на бизнисот.