/ Прочитано:

1.474

Турција гласаше за уставни промени кои предвидуваат редефинирање на државната власт

„Уставните промени се поддржани од 47,5 милиони гласови, што е секако многу помалку од тоа што го очекуваше Ердоган. Тој се надеваше на победа ‘многу на малку’, особено поради интензивната кампања која се одвиваше под закрила на вонредна состојба со застрашување на Курдите, злоупотреба на исламот, задушување на секој критички збор, апсења и масовни митинзи кои потсетуваа на парадите во Пјонгјанг“, велат политичките експерти. Сепак, ваквиот исход од референдумот му дава шанса на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги прошири своите овластувања и да ја предводи Турција до 2029 година, но аналитичарите оценуваат дека ваквиот резултат ќе има висока цена, односно ќе ја доведе земјата до длабоки поделби, особено поради многу тесниот резултат.

Турција е на чекор до уставни промени, откако на референдумот што се одржа на 16 април, 51,4 отсто од гласачите се изјаснија за прифаќање на пакетот уставни реформи, со кој парламентарниот систем на Турција ќе биде трансформиран во претседателски систем. Уставните реформи беа предложени од владејачката Партија за правдата и развојот.

Ваквиот исход од референдумот му дава шанса на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги прошири своите овластувања и да ја предводи Турција до 2029 година, но аналитичарите оценуваат дека ваквиот резултат ќе има висока цена, односно ќе ја доведе земјата до длабоки поделби, особено поради многу тесниот резултат.

„Уставните промени се поддржани од 47,5 милиони гласови, што е секако многу помалку од тоа што го очекуваше Ердоган. Тој се надеваше на победа ‘многу на малку’, особено поради интензивната кампања која се одвиваше под закрила на вонредна состојба со застрашување на Курдите, злоупотреба на исламот, задушување на секој критички збор, апсења и масовни митинзи кои потсетуваа на парадите во Пјонгјанг“, велат политичките експерти.

Меѓународните набљудувачи упатија остри критики, нагласувајќи дека референдумот во Турција не се одржа во согласност со меѓународните стандарди. Според нив, станува збор за нефер услови во кои течеше кампањата пред референдумот, а пребројувањето на гласовите го одбележаа доцна прифатени измени со кои се поништени клучни безбедносни норми. Ова, пред сè, се однесува на одлуката на властите да дозволат употреба на гласачки ливчиња без официјален печат.

Везар Флорин Преда од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР вели дека и кампањата и самиот референдум беа одржани во нефер услови бидејќи двете страни во кампањата немаа еднакви можности.

„Правната рамка останува неадекватна за одржување на вистински демократски референдум. Покрај тоа, фактот што референдумот се одржува во време на вонредна состојба во државата ги кочи основните слободи. Луѓето кои беа принудени да ги напуштат своите домови во југозападните делови на Турција, каде што имаше безбедносни операции, беа соочени со тешкотии да го остварат своето право на глас. За време на кампањата, некои официјални лица ги изедначуваа оние кои беа против уставните реформи со терористи“, се вели во соопштението на меѓународните набљудувачи.

Од своја страна, пак, Ердоган потенцира дека резултатот од референдумот значи крај на сите дилеми кои се однесуваат на реформи во Уставот на Турција, а на самиот старт од воведувањето на претседателскиот систем ќе се направат реформи во судството.

Имено, 12 од 15 судии на Уставниот суд ќе бидат избрани од претседателот. Ова е особено важно, бидејќи Уставниот суд е единствениот орган кој може да го суди претседателот ако Парламентот изгласа отворање истрага за претседателот.

Реформите во судството предвидуваат измени и во Врховниот суд, во кој во моментов има 22 судии, а четворица од нив се назначени од страна на претседателот. Но, во согласност со реформите, бројот  на судиите ќе се намали на 13, од кои 5 ќе бидат назначени од претседателот. 

Со воведувањето на претседателскиот систем во Турција, шефот на државата ќе ја преземе одговорноста на Владата за објавување на декрети, што во суштина ќе значи дека претседателот ќе може да го заобиколи Парламентот за да формира и да регулира министерства, како и да именува и да отстранува високи државни службеници. Со новите овластувања, претседателот ќе може да го подготвува и буџетот на државата, што досега беше во надлежност на Парламентот. Претседателот ќе може без согласност од Владата, самостојно да прогласи вонредна состојба, а ќе има можност да го распушти и Парламентот, што практично би значело распишување предвремени претседателски избори. Со промените, функцијата на премиер ќе биде укината, а поголемиот дел од моќта ќе биде предадена на претседателот.

Најгорливото прашање сепак е повторното воведување на смртната казна, која во Турција беше укината во 2002 година. Ердоган за ова се изјасни уште во текот на кампањата, нагласувајќи дека по референдумот за уставните промени Парламентот во Анкара ќе стори  сè што е потребно за враќање на Законот за смртна казна и дека тој  како претседател ќе го потпише.

Доколку се случи вакво нешто, односно ако повторно биде воведена смртна казна, оценката на политичките аналитичари е дека Европската Унија ќе ги прекине преговорите со Турција за членство на земјата во Унијата.

Пристапните преговори на Турција во Унијата беа тема во Европскиот парламент уште во ноември 2016 година, кога пратениците се изјаснија за нивно прекинување. Сепак, земјите членки на ЕУ досега се воздржуваа од какви било дејствија против Ердоган, без оглед на фактот дека во текот на кампањата за референдумот, европските политичари ги нарекуваше нацисти, а погрдни зборови упати и кон Европската Унија. Но, како што наведуваат голем број експерти, по ваквиот резултат од референдумот, а особено доколку Турција повторно го донесе Законот за смртна казна, прекинот на преговорите со Европската Унија ќе биде дефинитивен.

За Ердоган, пак, ова нема никакво значење и обраќајќи се пред своите приврзаници во Анкара, тој истакна дека доколку е потребно Турција самата ќе организира уште еден референдум, овој пат за прекин на преговорите за членство во Европската Унија.

А. Б.