/ Прочитано:

621

ТВИНИНГ ПРОЕКТ: „Промоција на надлежностите на Народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“

Вторник, 19 мај 2015 – Во инфо-центарот на ЕУ во Скопје денеска беше означен почетокот на твининг-проектот „Промоција на надлежностите на Народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“. Целта на проектот, како што рече народниот правобранител Иџет Мемети, е да се зајакнат компетенциите и капацитетите на Канцеларијата на омбудсманот.

Проектот ќе се спроведува во наредните осум месеци од Канцеларијата на народниот правобранител во партнерство со Одборот на омбудсманот од Австрија и австрискиот Институт за човекови права „Лудвиг Боцман“.

„Со овој проект треба да се зајакнат професионалните капацитети на канцелариите на Народниот правобранител во Македонија и во Австрија“, рече претседавачот на Одборот на омбудсманот на Австрија, Гертруде Бринек, и додаде дека заеднички ќе вршат испитувања на институциите.

Во рамките на овој проект, како што нагласи Бринек, сите заедно ќе учат едни од други и ќе ги разменуваат најдобрите методи со цел да им дадат можност на граѓаните да ги остварат своите човекови права.

Шефот на делегацијата на Европска Унија, Аиво Орав, на отворањето на проектот рече дека признавањето на човечкото достоинство и човековите права на сите луѓе е основа на слободата, правдата и на мирот во светот.

„Одржливиот мир, развој и економски просперитет на секоја земја е можен само кога се почитуваат човековите права и владеењето на правото “, рече Орав.

 Многумина во светот, вклучувајќи ги и луѓето од овој регион и во оваа земја, како што истакна тој, сè уште се борат да уживаат некои од основните права кои неприкосновено им припаѓаат и кои го сочинуваат темелот на ЕУ.

„Во оваа борба Канцеларијата на народниот правобранител игра значајна улога затоа што им дава глас и моќ на поединците во нивниот однос со институциите“, истакна Орав.

Според него, успехот на овој проект ќе зависи не само од посветеноста и заложбите на партнерите во проектот, туку и од подготвеноста на другите државни институции целосно да соработуваат со Канцеларијата на народниот правобранител. Евроамбасадорот посочи дека повеќе правда и повеќе права за граѓаните во општеството ќе доведат до поголем просперитет, мир и можности и, во крајна линија, до поголема среќа за граѓаните.

Проектот се спроведува со финансиска поддршка од фондовите на Европската Унија.