/ Прочитано:

821

Твининг проект со Германија за превенција и борба против корупцијата

Четврток, 11 септември 2014 – Подигнување на ефикасноста во превенцијата и во борбата против корупцијата е целта на проектот кој ќе се реализира наредните две години од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата и Сојузната служба за администрација на Германија.

„Проектот ќе се однесува на испитување на имотната состојба, односно собирање на анкетните листови по електронски пат и на изјавите за интересии, поврзување на базите за да може постапките да се водат поефикасно и побрзо…“, изјави Мирјана Димовска проект лидерот од ДКСК денеска пред одржувањето на работниот состанок меѓу претставници на домашните институции и германските експерти кои ќе работат на реализација на проектот.

Проектот, како што додаде, е многу значаен за Република Македонија, бидејќи со него ќе се засилат антикорупциските политики и ќе се потикнат доброто владеење и владеењето на правото во државата.

„Направивме национална методологија и нашиот германски партнер одлично ја разбра нашата идеја да ги централизираме податоците, затоа што во таа национална база ќе се следат сите случаи на корупција, од детекција до завршување на постапувањето во надлежните институции и реализацијата на антикорупциските политки на различни институции“, истакна Димовска.

За да се оствари целта на проектот, проектните партнери се договорија заеднички да се спроведат осум компоненти. Првата компонента е унапредување на антикорупциската правна и институционална рамка, унапредување на системот за управување со судир на интереси, градење на институционалните капацитети за спречување и борба против корупцијата, за финансирање на политичките партии и изборните кампањи, спроведувањето обвинителни истраги и судење на случаи на корупција и за управувањето со одземен имот, развој на правната институционална рамка и ИТ системот за прибирање и обработка на статистики за превенсција и репресија на корупцијата.

Петтата компонента е подигнување на свеста за борба против корупцијата, потоа воспоставување конзистентно следење на анкетните листови и изјавите за интереси, подобрување на мониторингот и ревизијата на финансирањето политички партии и изборни кампањи, како и воспоставување ефективно управување со одземениот имот.

Проект лидерот од Сојузната служба за администрација на Германија Холгер-Михаил Арндт појасни дека на работната средба ќе се планираат активностите за наредните две години со Државната комисија за спречување на корупцијата

„Битна е соработката меѓу двете институции. Заедно ќе направиме големи чекори во подигнувањето на ефикасноста во борбата против корупцијата“, истакна Арндт и додаде дека треба да се најдат решенија кои и одговараат на македонската околина.

Проектот е финансиран од Европската унија со средства на програмата ИПА 2010 и е со буџет од 1.4 милиони евра.