/ Прочитано:

1.511

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНИТЕ ЗА ОСНОВНО И СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ: „Резервни наставници“ во случај на штрајк

Вторник, 9 септември 2014 – За време на штрајк, основните и средните училишта да обезбедат нови наставници преку агенциите за привремени вработувања – ова го предвидуваат измените на законите за основно и за средно образование кои денеска Собранието ги донесе по скратена постапка, а кои истовремено наидоа на негативни реакции од СОНК. Професорот по уставно право Осман Кадриу оценува дека се работи за спорни одредби кои се косат со уставно загаранираното право на штрајк.

Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со заменување на вработените кои штрајкуваат“, се вели во спорните одредби на двата закони. 

Веднаш да се сопре постапката за законски измени во делот на штрајкот на просветарите или ќе дојде до прекин на секаков социјален дијалог со Владата во иднина –  преку соопштение СОНК се спротивстави на уверувањата на ресорниот министер Абдулаќим Адеми, дека наставниците кои преку протест ќе бараат поголеми права, нема да добијат откази од работа.
„Свесно или не, изјавата на министерот преставува манипулација со тврдењето дека со измените не се кршело правото на штрајк. Јавно го прашуваме министерот дали може да посочи барем еден пример – во која друга држава во Европа, кога наставниците биле во штрајк, биле заменети со резервни наставници? Кога тоа би било возможно, зошто никаде во друга држава не се сетиле за време на штрајк, министрите да вработуваат резервни лекари, хирурзи, пилоти“, стои во соопштението на СОНК. Според СОНК, предлогот за измени на Законот за основно и Законот за средно образование по скратена постапка е со цел да се спречи организирањето и одржувањето на Генералниот штрајк на СОНК, најавен за 29 септември, од Министерството го негираат ова.

Министерот за образование Абдулаќим Адеми, кој денеска гo образложи законското решение, уверува дека ваквите измени не го нарушуваат правото на штрајк.

„Во случај ако има штрајк директорот на училиштето е должен да обезбеди резервни наставници. Ова не е за да се влијае на штрајкот, туку да нема прекин на наставата. Кој и да штрајкува нема да биде избркан од работа ниту суспендиран“, вели Адеми.

Професорот по уставно право  Осман Кадриу оценува дека се работи за спорни одредби кои се косат со уставно загаранираното право на штрајк.

„Предлогот за замена на наставниците кои штрајкуваат е досега нешто незабележано во нашиот правен систем бидејќи не се практикува во ниту една друга сфера. Ете земете го за пример судството: зарем судските работници доколку штрајкуваат некој ќе ги замени? Станува збор за дискутабилна, а суштествена одредба која сигурно ќе биде оспоруван апред Уставниот суд на РМ. Штрајкот е уставна категорија “, вели тој за Академик.

Пратениците за измените

Рамиз Мерко од ДУИ на денешната Комисија им порача на наставниците да штрајкуваат во лето или за време на зимски распуст за да не трпи образовниот процес.

Рафиз Алити од ДУИ подготвува и најави дека ќе достави нов амандман со кој во законите ќе се прецизира што е бојкот, а што штрајк. Точната содржина на овој амандман не се знае.

Чедомир Саздовски од ГРОМ најави дека ќе ги поддржи законските измени, но нејасно му остана дали доколку има штрајк државата и одговорните имаат капацитет да најдат замена на сите наставници. Прашањето му го упати на министерот Адеми, но тој не даде конкретен одговор.

И пратеничката Марија Ангеловска од ВМРО ДПМНЕ застана во одбрана на законските измени и им порача на наставниците да си ги преиспитаат одлуките кога ќе одлучат да штрајкуваат.

Според Солза Грчева со овие амандмани освен што се крши Уставот се крши и Меѓународната конвенција за труд која Македонија ја има потпишано и според која, како што рече, не смее да има замена на наставниците во време на штрајк.

За 29 септември годинава е најаван генерал штрајк на СОНК. Просветните работници протестираат поради ниските плати во образованието, нерешените колективни договори, нерегулираниот модел на екстерно тестирање и политизацијата во образованието. 

Со измените  меѓу другото се предвидува  и задолжителна лектира со ЦД на како што стои мајчин англискиот јазик, но и зголемување, односно за намалување на платите на наставниците согласно извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување .

 

Е. П.