/ Прочитано:

904

Угостителите бараат намалување на ДДВ од 18% на 5% и ќе иницираат измена на Законот за угостителската дејност

Вторник, 14 април 2015 – Македонските угостителите бараат намалување на ДДВ од 18% на 5% за храната во хотелите и рестораните и стимулации во угостителството и хотелиерството. Најавуваат дека наскоро ќе иницираат и измени на Законот за угостителската дејност.

Членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора велат дека веќе подолго време ги анализираат состојбите и разговараат за идејата да се поведе иницијатива со која ќе се предложат  серија конструктивни мерки што ќе значат финансиско растоварување на хотелско-угостителскиот сектор и индиректен стимул за нови инвестиции и модернизација на постојните капацитети.

Како што информираат од Здружението, своите забелешки и барања им ги соопштиле на државниот секретар за туризам при Министерството за економија,  Шефкет Хазари и на претставникот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Зоран Николовски.

„Тие ги  слушнаа забелешките и проблемите на членките на Здружението на угостителството и туризмот и  констатираа дека владините институции остануваат партнер на бизнис-секторот и се подготвени да ги слушнат нивните сугестии и предлози Притоа,  посочија дека бизнис-секторот ќе мора за секое свое барање да достави сериозна издржана анализа со податоци и аргументи“, велат од Здружението.

На состанокот со владините претставници присутните  отвориле повеќе проблеми со кои се соочуваат секојдневно, како што се високиот износ на ДДВ, ограничувањето на работното време на угостителските објекти во рурални средини, стимулациите во угостителството, односно хотелиерството, Законот за заштита од пушењето, високите давачки кон ЗАМП и други.

Бизнисмените инволвирани во хотелско-угостителскиот сектор сметаат дека треба да се иницираат измени и на Законот за угостителската дејност.

„За таа цел  беа направени работни групи кои во следниот период ќе треба преку аналитички пристап да изработат предлог-иницијативи за менување или за носење решенија со кои ќе се обезбеди подобар бизнис-амбиент во секторот“, велат од Здружението.

М.В