/ Прочитано:

2.987

УЈП ЈА ОБЈАВИ МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА ПРЕСМЕТКИТЕ НА ПРИДОНЕСИТЕ ЗА ХОНОРАРИТЕ (Клиентски софтвер за МПИН)

УЈП го објави клиентскиот софтвер за МПИН пресметка во кој ќе бидат вградени сите новини во врска со пресметките на придонесите за договорите за дело и авторските договори, како и насоки за поднесување на пресметките.

НАСОКИ ЗА ПРЕСМЕТКА И УПЛАТА НА ПРИДОНЕСИ ПО ОСНОВ НА ПРИХОДИ ОД ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО, АВТОРСКИ ДОГОВОРИ И ДРУГИ ДОГОВОРИ

Со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, од 1 јануари 2015 година предвидена е обврска за пресметување и уплата на Придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ППИО) и Придонес за здравствено осигурување (ПЗО) за приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа доколку:

  • износот на приходот од еден договор во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон; или
  • збирниот износ на приходите од повеќе договори го надминува износот на минималната плата утврдена со закон.

За кои договори постои обврска за плаќање на придонеси?

Пример 1:  Обврската за пресметување и уплата на придонесите не се однесува на договорите кои се реализирани заклучно со 31.12.2014 година, а за кои исплатата на приходите за извршената работа/услуга е во 2015 година.

Пример 2: За договори склучени во период пред 01.01.2015 година кои продолжуваат со важност на извршување и по 01.01.2015 година, постои обврска за пресметување и плаќање на придонеси.

Кој е обврзник за плаќање на ППИО и ПЗО?

Обврзниците за плаќање на придонесите потребно е да бидат регистрирани во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија http://www.piom.com.mk/aktivnosti/283.html

  • Физичко лице кое остварува приход од извршување физичка и/или интелектуална работа, врз основа на ЕДЕН договор за дело или авторски договор или друг договор склучен со домашно или странско правно или физичко лице, кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, освен лице кое е корисник на пензија согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување.
  • Физичко лице кое остварува приход од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на ПОВЕЌЕ договори, а збирниот нето износ на приходите по тие договори го надминува износот на минималната плата утврдена со закон, освен лице кое е корисник на пензија согласно со прописите за пензиско и инвалидско осигурување.
  • Странско физичко лице кое остварува надоместок по основ на договор за дело, авторски договор или друг договор склучен со македонски резидент-правно или физичко лице, ако: – има работна дозвола и регулиран престој со лична карта за странец и е државјанин на држава со која Република Македонија НЕМА склучено Договор за социјално осигурување. – има работна дозвола и регулиран престој со лична карта за странец и е државјанин на држава со која Република Македонија ИМА склучено Договор за социјално осигурување, со кој не е одобрен исклучок од правилото за плаќање на придонес во Република Македонија.

Кој е обврзник за поднесување на пресметка и за уплата на ППИО и ПЗО?

  • Правно лице-исплатувач на надоместок по основ на договор за дело или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, е обврзник за поднесување на пресметка и за уплата на придонесите за лицата кои остваруваат приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата по основ на ЕДЕН ДОГОВОР.
  • Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија е обврзник за пресметка на ППИО и ПЗО за надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, за лицата: – кои остваруваат приход по основ на ПОВЕЌЕ ДОГОВОРИ (склучени со домашни и/или странски правни и/или физички лица; – чиј збирен износ го надминува износот на минималната плата утврдена со закон;  кои остваруваат приход по основ на склучен договор со едно физичко лице или со едно странско (физичко или правно) лице. Напомена: Во случаите кога ФПИОМ е обврзник за пресметка на придонесите, самите физички лица се обврзници за уплата на придонесите.

Пример 1: ЛИЦЕ СО ЕДЕН ДОГОВОР

Пример 2: ЛИЦЕ СО ПОВЕЌЕ ДОГОВОРИ

Рокови за поднесување на МПИН пресметки и за плаќање на придонесите

Пресметката на придонесите се врши месечно, со користење на т.н. клиентски софтвер (преземи МПИН образец) и се доставува до Управата за јавни приходи, најдоцна до 10-ти во тековниот за претходниот месец, по електронски пат. Плаќањето на месечната пресметка се врши до 15-ти во месецот за претходниот месец. Обврската за поднесување на МПИН образецот и уплатата на придонесите се врши независно од исплатата на надоместокот по основ на договор за дело, авторски договор или друг договор и уплатата на персоналниот данок.

Напомена: Исплатата на надоместокот се врши согласно роковите утврдени во договорот, при што во моментот на исплата на надоместокот доспева обврската за пресметување и уплата на персоналниот данок на доход.

Основица и стапки за пресметка на придонесите

Основица за пресметка на придонесите е бруто надоместокот утврден во договор за дело, авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршена работа за лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа.

  • Бруто надоместок утврден во договор за дело или друг договор претставува збир на нето надоместокот, придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за задолжително здравствено осигурување и персонален данок на доход.
  • Бруто надоместок утврден во авторски договор претставува збир на нето надоместокот, придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, придонесот за задолжително здравствено осигурување и персоналниот данок на доход. Бруто износот на надоместокот се добива по претходно намалување за признатите трошоци утврдени во Законот за персоналниот данок на доход.

Најниска основица за пресметка на придонесите изнесува 50% од просечна плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Највисока основица за пресметка на придонесите е износот од шест (6) просечни плати (просечна плата по работник во Република Македонија објавена во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика). Највисоката месечна основица од шест просечни плати за пресметување и уплата на придонесите, се однесува одделно за примањата на обврзникот за плаќање на придонеси од работен однос остварени во тековниот месец и одделно за примањата од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа.

Стапките по кои се пресметуваат и плаќаат придонесите се следните:

  • Задолжително пензиско и инвалидско осигурување (18%); и
  • Задолжително здравствено осигурување (7,3%).

Поднесување на МПИН пресметка од страна на правно лице-исплатител

Правното лице – исплатител преку МПИН образецот врши пресметка и уплата на ППИО и ПЗО за надоместокот по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор, со поднесување на пресметка со вид на обврска 201 и вид на обврзник 210, со вклучување на СИТЕ ЛИЦА за кои во месецот има активен договор.

Потребно е да ги пополните следните полиња од клиентскиот софтвер (образец МПИН):

Напомена: Бруто надоместокот утврден во авторски договор се намалува за износот на нормирани трошоци и добиениот износ се полнува во полето 3.14.

ПИОМ ОДГОВОРА НА НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИТЕ ПРАШАЊА ЗА ПЛАЌАЊЕТО ПРИДОНЕСИ ЗА ХОНОРАРИТЕ: Прием во задолжително социјално осигурување и плаќање на социјалните придонеси

M.В/veljanoskim@akademik.mk