/ Прочитано:

710

УЈП: Обврзник за поднесување на месечен извештај за договорите за дело, авторските договори или други договори со кој е утврден надоместок за извршената работа

Четврток, 5 март 2015 – Со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување кој е во сила од 12.02.2015, обврската за доставување на „Месечен извештај за договорите за дело, авторските договори или други договори со кој е утврден надоместок за извршената работа“ (образец “МИ-Д/ИН“) до Управата за јавни приходи се однесува за секое правно лице – исплатувач на надоместок по основ на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа, без оглед на тоа дали правното лице – исплатувач е обврзник за пресметка и уплата на придонесите за исплатените надоместоци по основ на договори, инфомираат иод УЈП.

„Месечниот извештај се поднесува за исплатените надоместоци во претходниот месец, платениот ПДД по одбивка, и за износот на платените ППИО и ПЗО кои се пополнуваат само доколку правното лице – исплатувач е обврзник за пресметка и уплата на придонесите.

Согласно со Законот за персоналниот данок на доход, како исплатувач на лични примања, авторски и друг вид приходи исплатени преку авторска агенција или посредничко друштво се смета авторската агенција односно посредничкото друштво, доколку авторските и друг вид приходи се исплатени преку авторска агенција или посредничко друштво кое во тој случај е должно да ја пресмета аконтацијата на данокот по одбивка и да го уплати задржаниот (персонален) данок.

 Врз основа на наведеното, обврзник за поднесување на Месечен извештај “МИ-Д/ИН“ до Управата за јавни приходи во определени случаи може да биде и авторска агенција или посредничко друштво, и тоа во случај кога обврзник за пресметка на придонесите е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, а обврзник за уплата на придонесите е лицето кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа само за себе, доколку исплатата на надоместокот на лицето и уплатата на персоналниот данок е извршена од страна на авторската агенција, односно посредничкото друштво.

Значи, обврска за поднесување на Месечниот извештај (образец „МИ-Д/ИН“) има:

  • Правното лице – исплатувач кое е обврзник за пресметка и уплата на придонесите за лице кое остварува приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа кое е во работен однос кај него или кај друго правно лице кое има сопственичка, организациска или управувачка поврзаност со работодавачот.
  • Правното лице – исплатувач на надоместокот за лице за кое обврзник за пресметка на придонесите е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, а обврзник за уплата на придонесите е лицето само за себе, доколку исплатата на надоместокот на лицето и уплатата на персоналниот данок по одбивка ја извршило правното лице – исплатувач на надоместокот.
  • Авторска агенција или посредничко друштво кое се јавува како исплатувач на лични примања во смисла на член 95 став (1) од Законот за персоналниот данок, за лице за кое обврзник за пресметка на придонесите е Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, а обврзник за уплата е лицето само за себе, без оглед на статусот на лицето (домашно или странско физичко или правно лице) во чија корист е извршена физичката и/или интелектуална работа“, се вели во соопштението на УЈП.