/ Прочитано:

1.032

Укинувањето на адвокатските маркички е во собраниска процедура

Четврток, 30 мај 2013 – Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за адвокатски маркички е во собраниска процедура. Законот за адвокатски маркички претставуваше обид за воведување на адвокатска маркичка во улога на инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход кај адвокатите. По револтот на адвокатите, а преку барање на Адвокатска комора, Владата најде друго решение, готовинските наплаќања и на адвокатите поединци да се врши со фискален апарат.

„Владата ги следи состојбите во економијата и барањата на различните категории на даночни обврзници, со цел да се воспостават еднакви услови на пазарот и функционален систем за практична примена на даночната постапка. Во оваа насока, тргнувајќи од барањата на Адвокатската комора и адвокатите заради решавање на проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното работење кои произлегуваат од примената на одредбите на Законот за адвокатски маркички и консензусот на членовите на Комората за пристапување кон фискализација на адвокатите и адвокатските друштва, се оцени потребата од престанување на важноста на овој закон. Владата го предлага овој закон во насока на изнаоѓање решенија што се најпрагматични, најсоодветни за соодветната фела, а од друга страна сепак да се заштити даночниот систем и плаќањето на даноците да не биде доведено во прашање, односно следењето на плаќањето на даноците особено кога станува збор за готовинските плаќања да се врши преку фискализација и фискални апарати“, стои во Предлог-законот предложен од Министерството за финансии.

Преку фискализацијата, адвокатите се приклучија кон големиот број други работници, како нотарите и стоматолозите кои наплаќањето на нивните услуги го вршат со фискален апарат.

На укинувањето на Законот за адвокатски маркички претходеа дебати меѓу адвокатите.  Новиот Закон кој на 1 јануари годинава влезе во примена, ја „прелеа чашата“ во адвокатската фела. Ситуацијата кулминираше со смена на раководството во АКРМ.