/ Прочитано:

792

Акција на украинските власти во Харков и Доњецк

Вторник, 8 април 2014 – Зградата на локалата администрација во вториот град по големина во источна Украина, Харков, е ослободена во специјалната операција во која беа уапсени 70 лица, изјави раководителот на Харковската област, Игор Балута, кој е назначен од властите во Киев.  Под контрола е ставена и административната зграда во Доњецк.

„Зградата во Харков е преземена и е под заштита на припадници на безбедносните органи и на вооружените сили на Украина и е целосно е подготвена да продолжи со работа„, нагласи Балута преку соопштение, објавено на сајтот на локалната адмиистрација.

Тој додаде дека „антитерористичката операција“ во градот ќе продолжи. За почетокот на операцијата информираше денеска украинското Министерство за внатрешни работи.

„Почна антитерористичка операција. Центарот на градот е блокиран. Не се вознемирувајте, откако ќе завршиме ќе го отвориме“, изјави вршителот на должност министер за внатрешни работи Арсен Аваков.

Министерството соопшти дека уапсените се осомничен за „незаконска активност, поврзана со сепаратизам, организирање на масовни немири и нарушување на други закони“.

ИТАР-ТАСС јави дека „група јавни личности“ вчера во зградата на регионалната администрација во Харков одржале „собрание на обласната заедница“,  на кое е изразена недоверба кон членовите на Харковскиот областен совет. Учесниците на собирот објавија и список на луѓе кои ја презеле обврската на „пратеници од обласниот совет“. На ад-хок седницата е донесена одлука за создавање независна држава под името „Харковска Народна Република“.  

Специјални единици во Доњецк, пак,  ја расчистиле и ја ставиле под контрола административната зграда, кратко претходно зазамена од луѓе лојални на Москва, кои вчера таму прогласија суверена Народна Република. Тие најавија најдоцна на 11 мај одржување референдум за припојување кон Русија, слично како на Крим. Освен тоа, тие побарале од рускиот претседател Владимир Путин да испрати „мировни војници“.