/ Прочитано:

606

Унгарците на улица се изборија за интернет слобода

Петок, 31 октомври 2014 – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека се повлекува предлогот на владата за оданочување на користњето интернет од идната година.

„Во сегашната форма и во вакви услови не може интернетот да се оданочи“, изјави Орбан за унгарското државно радио.

Данокот не може да биде воведен во неговата сегашна форма. Никаков закон не може да биде утврден во тие околности, рече Орбан во интервју за државното радио.

Десетици илјади граѓани во неделата и во вторникот излегоа на улиците на Будимпешта и во неколку други градови да протестираат поради овој план на владата. За вечер демонстрантите најавија манифестација на прослава на одлуката на владата да се откаже од намерите.

По првиот протест на крајот на минатата седмица, неколку десетици илјади лица протестираа на 27 октомври во Будимпешта против предлогот за данок врз користењето Интернет, кој според опозицијата, ги задушува слободите.

Протестите беа најмасовните од доаѓањето на конзервативецот Орбан на власт во 2010 година.

Противниците на проектот објавија дека вечерва ќе организираат нови демонстрации за празнување на својата победа.

Пред Орбан да прогласи повлекување на проектот неговата партија Фидес се обиде безуспешно да ги смири демонстрантите, ветувајќи данокот да биде сведен до околу две евра месечно за приватни корисници.

Новиот закон, кој требаше да се гласа во Парламентот на 17 ноември, беше остро критикуван и од ЕК. Поради спорните реформи во областа на медиумите и правосудството во првиот мандат, Виктор Орбан претрпе критики и од Вашингтон.