/ Прочитано:

2.406

УНИФИЦИРАНА СУДСКА ПРАКСА И ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ: Судиите да носат конзистентни одлуки, напишани на разбирлив начин

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи и Судскиот колеџ од Лондон, а поддржани од Британската амбасада во Република Македонија, започна дводневниот семинар на тема „Користење на унифицирана судска пракса“.

akad 2

На настанот учествуваат судии одговорни за судската пракса во Македонија, кои воедно ја следат и судската пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како и претставници на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права.

Со своето воведно обраќање до присутните, семинарот го отворија  Аднан Јашари, министер за правда на Република Македонија, Чарлс Гарет, британски амбасадор во Република Македонија и Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Министерот за правда подвлече дека судската пракса е важна за правната сигурност на граѓаните, а тоа особено се обезбедува преку создавање на униформност на судската пракса, преку почитување и применување на пресудите на ЕСЧП.

Британскиот амбасадор, Чарлс Герет, подвлече дека користењето на британските искуства во однос на униформираноста на судската пракса ќе имаат големи едукативни бенефиции за македонските судии. Во име на соработката, додаде амбасадорот, овие искуства ќе бидат вредни за македонското правосудство, а придобивките ќе се рефлектираат во поширок општествен контекст.

akad 2

Директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, нагласи дека проектот „Поддршка за воспоставување на унифицирана судска пракса“ е од извонредно значење бидејќи се фокусира на темата за улогата на судската пракса и остварувањето на судската правна аргументација.

„Имено, меѓународните документи наведуваат дека токму поради големата моќ и власта што ја имаат судиите, треба да држат јавни судења и да носат образложени одлуки кои ќе бидат напишани на јасен и разбирлив начин“, истакна Арнаудовска, додавајќи  дека за таа цел Академијата константно организира обуки за техники за пишување и правно аргументирање на судските одлуки во кривична и граѓанска материја.

Во тој контекст, на настанот беше констатирано дека евидентно е извесното подобрување на користењето на стандардите на ЕСЧП во аргументирањето на образложенијата на судските одлуки, но тоа, сепак, не е доволно и затоа е потребно да се разгледаат низа методолошки прашања, особено од аспект на важноста на меѓународната судска пракса (Европски суд на правдата и ЕСЧП), одлуките на ЕСП и ЕСЧП и начинот на примена на случаите на судовите во Македонија.

akad 2

Предавачите од Велика Британија, судиите Џоана Корнер и Марк Оклтон, од Судскиот колеџ од Лондон, говорејќи за овие прашања, елаборираа дека  Европскиот суд за човекови права го смета и правото на образложена судска одлука како составен елемент на правото на правично судење. Применливиот збир на процедурални принципи, како и принципите на правната сигурност и еднаквост пред законите,  ја јакнат довербата на граѓаните во судството.

„Судската одлука овозможува контрола на логичкиот процес со чија помош судот дошол до одлуката, но и на неговото значење и стручност. Судството игра посебна улога во државата заснована на владеењето на правото и како гарант на правдата, темелната вредност на држава во која владее правото, мора да ја ужива довербата на јавноста за да биде успешно во извршувањето на своите должности“, беше посочено пред присутните македонски судии.

Судијката Џоана Корнер, реферирајќи за меѓународните научни и практични анализи посветени на судството, рече дека еднаквоста пред законот бара поединецот или правното лице кое се појавува пред суд, без разлика дали во кривична или во граѓанска постапка, да биде убедено дека случајот ќе се разгледува според национално применливиот збир на правни или процедурални принципи.

akad 2

Таа подвлече дека судството треба да ги почитува правните вредности и принципи, како што се: конзистентноста, кохерентноста, правната сигурност, извесноста, правдата и објективноста, и во таа смисла преку судската пракса и преку користењето на јуриспруденцијата ќе се обезбеди промоција на конзистентноста, помош на судиите во донесувањето на одлуките, како и помош на адвокатите во советувањето на нивните клиенти и во водењето на случаите. За значењето на судската пракса таа упати кон цитат од делото: „Природата на правниот процес“ од Бенџамин Кардозо, кое гласи:

„Ако една група на предмети има иста поента, страните ја очекуваат истата одлука. Ќе биде поголема неправда ако се одлучува за случаи по спротивните принципи. Ако во еден случај беше одлучено против мене вчера, кога бев тужен, тогаш ќе ја барам истата пресуда и денес доколку сум тужителот. Ако се одлучи поинаку, ќе се зголеми чувството на огорченост, тоа ќе биде, материјална и морална повреда на моите права.“

За унифицираната судска пракса во меѓународното право говореше судијата Марк Оклтон. За таа цел тој образложи  повеќе пресуди на ЕСЧП, притоа ставајќи фокус на обврската да се одлучува за случаи во согласност со ЕСЧП, на потребата од разбирање на процесот на резонирање на ЕСЧП и даде своја интерпретација на Европската конвенција за човековите права.

akad 2

Оклтон го посочи членот 98, ставот 2 од Уставот на Република Македонија во кој се вели дека судовите се самостојни и независни врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, па оттука и врз основа на Европската конвенција за човековите права.

„Правата се истакнати јасно. Високите страни договорнички се должни да ги следат и да ги применуваат. Надлежноста на судот се протега на сите прашања во врска со интерпретацијата и примената на Конвенцијата и на нејзините протоколи“, рече Оклтон.

На денешниот семинар, кој продолжува и утре, беше резимирано дека како едни од важните прашања за унифицирање на судската пракса е постоењето на база на податоци од пресуди, објавување на пресудите, реализирање на семинари и советувања, информации од страна на судовите на своите интернет-страници, стандардизирани судски трошоци и издавање упатства од страна Министерството за правда.

M.В