/ Прочитано:

979

Уништено запленето оружје и дрога во печките на „Југохром“

Вторник, 9 јули 2013 – Повеќе од 300 парчиња оружје, дрога, но и таблети „Виагра“ кои потекнуваат од извршени кривични дела за кои веќе е донесена правосилна судска пресуда, денеска беа уништени во печките на комбинатот „Југохром Фероалоис“ од Јегуновце.

„Станува збор за оружје и наркотични дроги при што 345 парчиња оружје во најголем дел автоматски пушки и пиштоли, гасни пиштоли и друго малокалибарско оружје како ловечки пушки, ловни карабини и воздушни пушки и слично. Кај дрогата се уништуваат 226 килограми марихуана, нешто над 60 килограми хероин, околу 15.000 таблети екстази и помала количина кокаин“, изјави министерката Јанкулоска.

На акцијата што се одржа по повод Светскиот ден за борба против малото и лесно оружје покрај Јанкулоска, присуствуваше и министерот за правда Блерим Беџети, како и претставници од повеќе надлежни државни институции.

„Со решение за формирање на комисијата од Министерството за правда што ја следеше целата постапка и во соработка со Агенцијата за кофискуван имот и МВР на јавен и транспарентен начин постапивме и се ослободивме од оружјето и дрогата од за кои веќе имаме правосилни пресуди. На секое следно барање на Агенцијата за конфискуван имот ние ќе формираме соодветна комисија за уништување на наркотички средства, оружје и други материјали“, изјави Беџети.

Фото: МИА