/ Прочитано:

1.893

Универзитетски професори бараат повлекување на Законот за употреба на јазиците

Седумнаесет професори од Научниот совет на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ до три собраниски комисии и до Министерството за правда доставија заеднички став во врска со Законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска процедура.

Охридскиот рамковен договор, велат професорите, во делот на употребата на јазиците е во целост почитуван и дека со предлог-законот се излегува од тој договор, а повлекува и промена на Уставот на РМ. Со тоа, посочуваат професорите, другите помали етнички заедници се ставаат во нерамноправна положба со албанскиот јазик, кој се изделува како таков со процентуалниот опфат.

Во ставот на Институтот се вели дека со овој предлог-закон во меѓународна употреба, освен македонскиот јазик, како досега, ќе се користи и албанскиот. Една од точките во ставот наведува дека се бара двојазичност на целата територија, а во две третини од земјата не живеат Албанци.

Според универзитетските професори, деловите од предлог-законот кои се однесуваат на книжните пари и монетите, униформите на полицијата и противпожарната служба и здравството, воопшто не треба да бидат регулирани со овој предлог-закон.

Универзитетските професори во образложението бараат целосно повлекување на предлог-законот за употреба на јазиците, како и вклучување на сите релевантни државни субјекти во една поширока анализа и дебата во согласност со законите и Уставот на РМ.

Минатиот месец универзитетските професорки д-р Симона Груевска-Маџоска и д-р Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ – Скопје, јавно приговараа на предлог-законот за употреба на јазиците.
„Укажуваме, уште еднаш, на потребата за подолга подготовка во обработката на засегнатата материја со предлог-законот и вклучување на сите релевантни државни субјекти кои можат да помогнат со научната работа и со своите анализи. Бараме повлекување на предлог-законот во интерес на организирање поширока јавна дебата во врска со употребата на сите јазици во РМ и начините за соодветна правна регулатива соодветно на Уставот на РМ и на законите што ја опфаќаат оваа материја, зашто со овој предлог-закон се крши и Уставот на РМ и се додаваат измени кои воопшто не се предвидени со Охридскиот рамковен договор“, истакнаа професорките во својот приговор.

Професорки од Институтот за македонски јазик поднесоа приговор против предлог-законот за употреба на јазиците до Владата

Што сe предвидува во предлог-законот за употреба на јазиците според законското објаснување

ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ: Образложение и законски одредби

М.В