/ Прочитано:

8.303

УПИСИ НА УКИМ: Зголемен интерес, но и доволно слободни места на Правниот факултет „Јустинијан Први“

На УКИМ започна запишување студенти на прв циклус студии во учебната 2017/2018 година. Годинава факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ нема да имаат дисперзирани студии. За првпат се утврдени и квоти за упис на одредени студиски програми за студенти, чие родителско право го врши само еден родител, а кои ќе плаќаат половина од износот на уписнината.

 Според Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии за оваа студиска година, слободни се 10.818 места од кои 5.865 се резервирани за редовни студенти (партиципација од 200 евра), 3.793 за редовни студенти (со кофинансирање со 400 евра) и 1.160 места за вонредни студенти (400 евра). Вториот уписен рок е на 4 септември, а третиот рок за пријавување е на 15 септември. Електрoнското пријавување на кандидатите се врши преку www.upisi.ukim.mk.

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, во согласност со Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии на студиски програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година ќе се запишат студенти во редовните и во дополнителните квоти.

Во согласност со глава I од Конкурсот во учебната 2017/2018 година, велат од Правниот факултет „Јустинијан Први“, може да се запишат следниот број студенти: во согласност со  глава I од Конкурсот во учебната 2017/2018 година, на правни студии може да се запишат 300 редовни студенти во  државна квота, 150 редовни студенти во квота со кофинансирање и 20 вонредни студенти.

На политички студии (македонски јазик) може да се запишат 50 редовни студенти во државна квота, 30 редовни студенти во квота со кофинансирање и 10 вонредни студенти. На политички студии (англсики јазик) може да се запишат 30 редовни студенти во државна квота и 10 редовни студенти во квота со кофинансирање.

На студиите по новинарство може да се запишат 30 редовни студенти во државна квота, 25 редовни студенти во квота со кофинансирање и 5 вонредни студенти, а на студиите по односи со јавност може да се запишат 30 редовни студенти во државна квота и 30 редовни студенти во квота со кофинансирање.

Исто така, додаваат од Правниот факултет „Јустинијан Први“, во согласност со глава IX, точка 1 од Конкурсот во учебната 2017/2018 година, може да се запишат вкупно 12 студенти, чие родителско право го врши само еден родител, а кои плаќаат половина од износот на уписнината во учебната 2017/18 година.

Воедно, посочуваат од „Јустинијан Први“, во согласност со глава IX, точка 2 од Конкурсот, во учебната 2017/2018 година може да се запишат и вкупно 72 студенти, кои ќе се изјаснат како припадници на заедници кои не се мнозинство во РМ.

Претседателката на Конкурсната комисија при Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Неда Здравева, вели дека уписите на факултетот се одвиваат во најдобар ред. Оваа година, истакнува Здравева, интересот на студентите е зголемен, но слободни места на факултетот има доволно.

„Ние на студентите гледаме како на партнери и на рамноправни членови на академската заедница. Студентите претставуваат една од заинтересираните групи во потфатот на високото образование и нивниот глас, секако, треба да се слушне и да се почитува во процесот на остварување на нивните студентски права“, вели деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски.

„Би ги поканил сите заинтересирани матуранти да се запишат на Правниот факултет ’Јустинијан Први’ било на правните, било на политичките или на студиите за односи со јавност или по новинарство. Сите сте добредојдени заеднички да се обидеме да ја вратиме довербата во правниот систем и во механизмите на правната држава. Ајде заеднички да се соочиме со предизвикот правото да не го сфаќаме само како систем на начела со кои ќе се наметнуваат правила на однесување во општеството, туку и како флексибилен инструмент преку кој ќе се остваруваат нови социјални цели“, нагласи во интервјуото за Академик, деканот Коевски.

Идните студенти на Правниот факултет денес ја поднесуваа потребната документација за упис на правните студии.  Во разговорот со дел од нив, велат дека одлучиле да студираат право бидејќи тоа за нив претставува професија што подразбира љубов кон правдата, но и професија што отвора многу перспективи.

„Правото е благородна професија и нуди голем професионален избор. Младите правници по завршувањето на студиите може да се определат за адвокатура, нотаријат, извршители, администрација. Очекуваме дека професорскиот кадар ќе го пренесе своето знаење на нас како на идни правници. Исто така, очекуваме да имаме студии со многу практична настава, истражувања и посветеност кон правните вредности“, коментираат идните студенти.

М.В