/ Прочитано:

2.542

УПОЗ и МИОА со  известувања во врска со степенот на кариера

Како резултат на работата на Синдикатот на УПОЗ во изминатиот период, на педесет и третата седница на Владата на Р Македонија, одржана на 6.2.2018 година, донесена е информација во врска со степенот на кариера на државните службеници со неколку заклучоци.

Во согласност со овој извадок, велат од УПОЗ, сите институции се задолжуваат да изготват преглед на парични обврски што произлегуваат од судски постапки поведени за степенот на кариера и на институциите им се препорачува да се завршат овие постапки со спогодба и да не се прават дополнителни трошоци во постапките.

Во прилог на извадокот е приложена спогодбата, која, според нашите сознанија, веќе им се дели на вработените во бланко форма, без да бидат известени кој степен на кариера им следува. Поради ова, сугерираме доколку се добие бланко спогодба, да не се потпишува сè додека секторот за човечки ресурси од организацијата во која работите не ве извести кој степен на кариерa ви следува во согласност со оценките добиени од 2008 година до 2014 година.

„Доколку не се согласувате со степенот на кариера кој е наведен во спогодбата, правото можете да го остварувате во судска постапка бидејќи правото за утврдување на степен на кариера не застарува. Доколку претпоставените во вашата институција вршат притисок да потпишете бланко спогодби, ве информираме веднаш да го известите Синдикатот на УПОЗ за да можеме да реагираме“, соопштуваат од УПОЗ.

Министерството за информатичко општество и администрација се приклучува на реакцијата на Синдикатот на УПОЗ во однос на спогодбите за степенот на кариера.

„МИОА го поддржува апелот на Синдикатот на УПОЗ до вработените да не ги потпишуваат наводните бланко спогодби, сè додека не ги добијат сите потребни информации. МИОА ќе го испита случајот и соодветно ќе реагира до надлежните институции. Со информацијата којашто беше усвоена на 53. седница, се задолжуваат институциите во вонсудска постапка да се спогодат за незаконски неисплатените средства за додаток на кариера од претходната влада. Ова има за цел да укаже дека нема потреба од дополнителни судски трошоци на товар на државата и на штета на граѓаните. На тој начин вработените ќе го добијат финансискиот додаток што противзаконски им бил оневозможен и ќе се спречи понатамошното оштетување на Буџетот на РМ“, се вели во соопштението на Министерството за информатичко општество и администрација.

М.В