/ Прочитано:

1.595

УПРАВА ЗА ФИНАНСИКО РАЗУЗНАВАЊЕ: Во 2015 година примени се 174 извештаи за сомнителни трансакции

Вчера од Народната банка беше посочено дека во рамките на супервизијата што ја спроведува НБРМ еднаш годишно врз комерцијалните банките, се врши контрола дали банките пријавуваат сомнителни трансакции кај надлежниот орган, во случајов Управата за финансиско разузнавање, но централната банка нема обврска да ги собира тие податоци бидејќи надлежноста за постапување, доколку има евентуални незаконски трансфери на пари, е во рацете на Управата.

pari

Според годишниот извештај за работата на Управата за финансиско разузнавање за 2015 година, објавен во февруари оваа година, до Управата биле доставени вкупно 174 извештаи за сомнителни трансакции, односно за трансакции за кои постои сомневање дека преку нив било извршено перење пари или финансирање тероризам или е направен обид за тоа.

Од извештаите примени во Управата, 125 извештаи се доставени од банки, 22 извештаи – од даватели на услуги за брз трансфер на пари и субагенти, а останатиот број на извештаи се доставени од други субјекти.

„Од статистичките податоци забележан е тренд на зголемување на бројот на примени сомнителни трансакции во 2015 година во однос на 2014 година и 2013 година“, стои во извештајот на Управата.

Вчера од Народната банка беше посочено дека во рамките на супервизијата што ја спроведува НБРМ еднаш годишно врз комерцијалните банките, се врши контрола дали банките пријавуваат сомнителни трансакции кај надлежниот орган, во случајов Управата за финансиско разузнавање, но централната банка нема обврска да ги собира тие податоци бидејќи надлежноста за постапување, доколку има евентуални незаконски трансфери на пари, е во рацете на Управата.

Аналитичкиот дел од работењето на Управата се заснова врз изготвување на финансиско-разузнавачка анализа, во согласност со интерната процедура за работа на предмети. По изработката на финансиско-разузнавачката анализа, се изготвува финален извештај со сомнение дека е сторено кривично дело перење пари или финансирање тероризам, односно известување дека е сторено друго кривично дело, велат од Управата.

„До надлежните институции Управата има доставено вкупно 30 извештаи, од кои 24 извештаи со сомнение за перење пари и 6 извештаи со сомнение за финансирање тероризам, 198 известувања, додека 7 предмети се ставени во мирување ад акта откако по извршените проверки не се утврдени сомневања за сторено кривично дело“, стои во извештајот.

До Министерството за внатрешни работи  биле доставени 17 извештаи за сомневање за перење пари и за финансирање тероризам и 131 известување за други кривични дела. До Управата за финансиска полиција составени се 12 извештаи за перење пари и финансирање тероризам, додека за други кривични дела – 36 извештаи. До Јавното обвинителство бил доставен еден извештај за сомневања за перење пари и финансирање тероризам и шест за сомневања за други кривични дела.

Управата извршила редовен надзор над само една банка во текот на 2015 година, во пет менувачници, во пет агенции за недвижности, во 12 друштва за сметководство и други субјекти.

Од извршениот надзор биле констатирани следните прекршоци:

-невоведување и неприменување на Програмата за спречување на перење пари и финансирање тероризам;
-неидентификување и непотврдување на идентитетот на клиент, во согласност со членот 8 од Законот;
-незадржување на фотокопија од документите за идентификација (лична карта или пасош), во согласност со членот 8 став 5 од Законот и
-неидентификување и непотврдување на идентитетот на вистинскиот сопственик, во согласност со членот 10 од Законот.

Во согласност со своите законски надлежности, Управата може да бара податоци од единиците за финансиско разузнавање на други државни, без оглед на нивниот вид. Управата, врз основа на податоците со кои располага, ги образложува сите барања што ги доставува до единиците за финансиско разузнавање на други држави и досега не била одбиена за ниту едно барање.

Управата  барала и добила податоци од единиците на финансиско разузнавање на Швајцарија, САД, Косово, Бугарија,  Германија, Малезија, Хрватска, Србија, Грција,Словенија, Индонезија, Лихтенштајн, Црна Гора, Словачка, Австралија, Египет, Англија, Саудиска Арабија, Албанија, Австрија, Унгарија и Италија.