/ Прочитано:

889

Управители, вештаци и сметководители осомничени дека го оштетиле државниот буџет

Вторник, 23 јуни 2015 – Стечаен управник, управители на фирми, вештаци и сметководители се осомничени дека со противзаконските дејствија го оштетиле државниот буџетот за околу 12,8 милиони денари, соопшти МВР.

Од МВР велат дека  пријавените со противзаконските дејствија, избегнувајќи го плаќањето на обврските спрема Буџетот на Република Македонија по различни основи, како и плаќањето спрема останатите доверители, во наведените девет правни субјекти сокриле имот во вкупна вредност од 36.655.657 денари на кои не пресметале, не пријавиле и не платиле јавни давачки во вкупен износ од 8.720.654 денари.

„Наедно со вака сокриениот имот, а врз основа на реализирани стечајни постапки и ликвидации на наведените правни субјекти, избегнато е плаќање на претходно утврдени обврски по разни основи (даноци, глоби, МПИН) спрема државата во износ од 4.083.626 денари или севкупно нанесена е штета на Буџетот на РМ во вкупен износ од 12.804.280 денари“, велат од МВР.

Од МВР известуваат дека првoпријавениот, во својство на службено лице, стечаен управник  на неколку правни субјекти, искористувајќи ја својата службена положба, спротивно на одредбите од Законот за стечај, во периодот од јули 2013 година до септември 2014 година, им овозможил на наведените друштва, за кои е отворена претходна постапка, да ги избегнат обврските кон државата и кон други доверители.

„Имено, за истите да не се отвора и води стечајна постапка согласно член 69 од Законот за стечај, туку постапките да бидат завршени по принципот отвори–заклучи, согласно член 68 од наведениот закон. И на тој начин да бидат ликвидирани и избришани од Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица во Централен регистар на РМ. Затоа од петто до осумнаесетто пријавениот (управители и сметководители на наведените правни субјекти) побарал да изготват наменски, фалсификувани Годишни сметки во кои незаконски ќе се избришат ставките кои прикажуваат имот на друштвото. Односно на истите им сугерирал и дал совети и насоки како тоа да го направат за да може ефикасно и во нивна корист да ја реализира постапката односно правните субјекти да бидат ликвидирани. Врз основа на така изготвената фалсификувана финансиско книговодствена документација, првопријавениот изготвил Извештаи за материјално финансиската состојба на должниците кои ги доставил до ОС Кочани, со констатација дека стечајниот должник не поседува имот со кој може да се покријат трошоците на стечајната постапка и обесштетат доверителите, поради што дал мислење судот да донесе Решение истата да се заклучи по член 68 од Законот за стечај“, велат од МВР.

Како што истакнуваат од МВР, вештите лица, пак (второпријавениот, третопријавениот и четвртопријавениот), во стечајните предмети со непреземање неопходни дејствија, односно со непостапување во согласност со професионалните стандарди, правила и принципи за изготвување вештачење, предвидени во Законот за вештачење, Законот за сметководство и Правилникот за водење на сметководство, не ги презеле потребните мерки и активности за да утврдат дали стечајните должници поседуваат имот кој, како што велат од МВР, реално постоел.

„Наместо тоа, тие изготвиле вештачења само врз основа на фалсификуваната книговодствена документација добиена од првопријавениот, во кои констатирале дека друштвата немаат имот со кој би се покриле трошоците на постапката за стечај и дале мислење истата да се заклучи согласно член 68 од Законот за стечај, со што помогнале на првопријавениот да ја реализира намерата за затворање на стечајните постапки по принципот отвори-заклучи“, соопштуваат од МВР.