/ Прочитано:

1.795

Управниот суд уважи една тужба на СДСМ – ќе се прегласува во едно избирачко место во Теарце

Управниот суд ја уважи тужбата што ја поднесе Социјалдемократскиот сојуз на Македонија против решението на Државната изборна комисија, со што се поништува гласањето на избирачкото место 2011 во Општината Теарце, во шестата изборна единица. Тоа значи дека в недела, односно на 25 декември, ќе се прегласува на избирачкото место 2011 во Теарце. Претходно ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на прегласувањето што ќе се одржи в недела.

гласачка кутија

Управниот суд на Република Македонија донесе одлука по тужбите поднесени од страна на партиите во врска со гласањето и изборните резултати од предвремените парламентарни избори. Судот прифати само една тужба од четирите поднесени од страна СДСМ. Исто така, ја уважи тужбата што ја поднесе ВМРО – ДПМНЕ, што значи дека нема да има прегласување на избирачкото место 0396/1 во Гостивар.

Имено, Управниот суд ја уважи тужбата што ја поднесе Социјалдемократскиот сојуз на Македонија против решението на Државната изборна комисија, со што се поништува гласањето на избирачкото место 2011 во Општината Теарце, во шестата изборна единица. Тоа значи дека в недела, односно на 25 декември, ќе се прегласува на избирачкото место 2011 во Теарце.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува на прегласувањето што ќе се одржи в недела.

На ова избирачко место има 714 гласачи запишани во Избирачкиот список. На првото гласање најмногу гласови освои ВМРО – ДПМНЕ, т.е. 91 глас, само четири помалку, односно 87, има СДСМ, Движењето БЕСА освои 65 гласа, а ДУИ 53 гласа.

Инаку, во целата шеста изборна единица, ВМРО – ДПМНЕ со Коалицијата за подобра Македонија имаат предност пред СДСМ и Коалицијата за подобар живот од 307 гласа. Според досегашните анализи на политичките аналитичари, прегласувањето во Теарце на избирачкото место 2011 би можело да го смени целокупниот изборен резултат. Доколку СДСМ добие еден пратеник за сметка на ВМРО – ДПМНЕ, резултатот во мандати би можел да биде 50-50.

А. Б.