/ Прочитано:

1.126

УПРАВУВАЊЕТО СО СУДОВИТЕ И ПРИНЦИПИТЕ НА ПРАВНАТА ДРЖАВА: Брзината во судиското одлучување не треба да биде на сметка квалитетот

Започна дводневното советување на тема „Управување со судовите“ во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, а во рамките на потпишаниот Меморандум за соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Државната правосудна академија на Република Франција (ЕНМ).

slika

Целта на советувањето е да се споделат француските искуства за управувањето со судовите, за раководењето со нивната работа, за управувањето со човековите ресурси и за целите што треба да се постигнат со имплементацијата на најдобрите практики во остварувањето на принципите на владеењето на правото.

„Нема владеење на правото без правдата. Но, не може да има правда ако нема ефикасно судство, ефективно управување со судовите и добра судска служба. А, во таа насока исклучително значајна е улогата на претседателот на судот. Затоа, потребно е да се дискутира за раководењето на судовите како суштински сегмент за ефикасноста на судството, што, пак, води кон остварувањето на принципите  на владеењето на правото. Дебатата помеѓу судиите и споделувањето на искуствата можат да придонесат во тоа многу и тоа е целта на ова советување“, беше констатирано на почетокот на настанот.

Лоренс Оер, амбасадорка на Република Франција во Република Македонија, изрази задоволство што соработката помеѓу Академијата и Француската амбасада резултира со одлични предавања и со предавања реализирани со импресивни предавачи.

slika

Оер потенцираше дека прашањето за кое се дискутира на Советувањето е актуелна тема и дека тамошните претседатели на судовите континуирано го елаборираат ова прашање затоа што управувањето со судовите е особено важно и за зацврстувањето на независноста на судството, како од аспектот на судската служба така и од аспектот на постапувањето на судиите и донесувањето на нивните одлуки.

„На луѓето што работат во судот треба да им се даде можност да се почувствуваат дека се компетентни и независни и дека нивните одлуки ќе бидат во корист на владеењето на правото и граѓанинот“, истакна Оер.

Таа додаде дека судската средина е специфична бидејќи судијата и обвинителите се независни, истрагата е тајна, а интегритетот на процедурата на постапката бара раководењето на секој суд да биде адаптирано за секој предмет.

„Доброто правосудство треба да се држи до принципите затоа што тоа е важен услов за да имаме правна држава“, резимираше Оер.

slika

Изразувајќи надеж дека Франција и понатаму ќе му дава поддршка на македонското правосудство во унапредувањето на независноста, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска,  рече дека судиите и претседателите на судовите во секојдневната работа треба да го практикуваат отпорот кон сите видови притисоци врз нив.

„Тие треба да ги штитат независноста и интегритетот. Во таа смисла, претседателите на судовите треба да предничат во своите судови. И тие треба со личниот пример да промовираат атмосфера на нулти толеранција за корупцијата и исто така да ја промовираат професионалноста“, истакна Арнаудовска.

Ерик Меју, државен јавен обвинител, Апелационен суд Анеси, Република Франција и Сами Бен Хаџ Јахја, советник на претседателот на Апелациониот суд Анже,  Република Франција, нагласија дека претседателот на судот има комплексна и специфична улога во управувањето со судовите.

„Претседателот на судот треба да се влезе во онаа дијалектика меѓу квалитетот и брзината. Претседателот треба да ја поттикне брзината во одлучувањето по конкретен предмет, но не на сметка на квалитетот. Затоа е потребно да се внимава на квалитетот. Всушност, треба да се дојде до еден компромис“, истакнаа француските експерти.

slika

Тие нагласија дека еден претседател, како менаџер на судот, не може да дава наредби на судијата да одлучи во една или во друга смисла, но и дека грешките во одлучувањето на одреден судија се можни, за што говорат и примерите од практиката.

„Се сеќавам на еден чувствителен предмет кога по грешка едно лице беше ставено во притвор и потоа тој предмет беше повторно подложен на преиспитување и одлучување. Ова лице беше обесштетено бидејќи имало грешка“, истакна Сами Бен Хаџ Јахја.

 Во таа смисла, додаде советникот на претседателот на Апелациониот суд Анже, претседателот треба да ги предвиди ризиците во одлучувањето на предметот преку сите аспекти поставени во рамките на законските граници.

M.В