/ Прочитано:

666

Уште две спогодби во „Јустиција“, досега вкупно шест

Четврток, 30 април 2015 – Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје постигна спогодба со уште двајца осомничени во предметот „Јустиција“, и тоа со еден судија во пензија (В. С.) и со еден судија што активно ја вршел функцијата (Ј. Ч.). Судија на претходна постапка на осомничените им изрече условни казни.

„Осомничениот судија во пензија  се спогодил со надлежниот обвинител за кривичното дело што го сторил да му биде изречена казна од една година затвор, којa нема да се изврши доколку во време од три години осомничениот не стори ново кривично дело.

Надлежниот обвинител од Oсновното јавно обвинителство Скопје склучи спогодба со осомничено лице –  судија за строеното кривично  дело – несовесно работење во службата.  Прифаќајќи ја склучената спогодба, судијата од надлежниот Основен суд Скопје 1 Скопје изрече Пресуда со која осуденото лице го казни со казна затвор во времетраење на две години, која нема да се изврши доколку во рок од четири години осуденото лице не стори ново кривично дело

Спогодбите се верификувани и од страна на Основниот суд Скопје 1  Скопје, кој во согласност со Спогодбата, со Пресуда  на осомничените им ги изрече договорените казни“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Претходно, во изминатите денови, се спогодија четворица осомничени.

Во акцијата под оперативно име „Јустиција“ лани во октомври беа уапсени  25 лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1, и тоа 14 судии и 11 судски службеници.

Надлежните ги товарат осомничените за несовесно работење, односно за криење во фиока на повеќе од 8.000 предмети за кои не била наплатена казна, со што, според Обвинителството, буџетот бил оштетен за над 1,3 милиони евра. Според МВР, осомничените воделе постапка без да се појават обвинетите, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивно застарување. На застарените пресуди, според МВР, се ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.