/ Прочитано:

1.738

Уште едно судско рочиште за настаните пред Општина Центар е одложено

Судењето во Основниот суд Скопје 1 – Скопје за насилствата пред општина Центар за време на протестите во 2013 година е одложено поради отсуство на дел од обвинетите.

Судското рочиште за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, предмет на Специјалното јавно обвинителство, денеска беше одложено поради отсуство на дел од обвинетите. Во официјалното соопштение од Основниот суд Скопје 1– Скопје се вели:

„Главната расправа по предметот со К.бр 1904/16 во која Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) гони 14 лица за кривично дело Насилство, која беше закажана за денеска е одложена за 28 јуни 2017 година, со оглед дека на денешната расправа не беа присутни 5 од обвинетите лица, а со оглед на предвидената санкција, задолжително е присуство на сите обвинети лица, согласно член 479 ст.2 од ЗКП.

Во однос на барањето на Јавниот обвинител од СЈО Гаврил Бубески за издавање наредба за приведување на обвинетите кои не беа присутни на денешната главна расправа, ја информираме јавноста дека за четворица од отсутните обвинети, на денешната расправа, судот констатира дека истите  за прв пат не се јавиле на главна расправа и ја задолжи нивната одбрана во рок од 8 дена да достави оправдување за нивното отсуство, а што се  однесува до едно лице кое по втор пат не присуствува на главна расправа, а истиот е уредно викан, судот издаде наредба за негово присилно доведување на следната главна расправа.

Во однос на влегувањето на дел од обвинетите од службениот влез на
судот, заради присуство на денешната главна расправа, истото е спроведено по безбедносни проценки на нивното обезбедување кое од редовите на МВР“.

Инаку, На денешното судење беше присутен претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а на судските покани се одзваа и обвинетите Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и Томислав Лазаров.

Во овој предмет се обвинети 14 лица, од кои пет како поттикнувачи, а другите како директни извршители на насилството. Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје  беа присутни и градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, како и општински советници.

„Ова судење е доказ дека тој секогаш нарачува насилство и линч на противниците, особено на оние од кои губи на избори“, рече Жерновски.

Судијката Татјана Михајлова следното судско рочиште го закажа за 28 јуни.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство го покрена овој случај на 15 септември минатата година. Според обвинението, Никола Груевски во овој случај е нарачател на насилствата пред Општина Центар, а Миле Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски и членовите на Општинскиот совет.

А. Б.