/ Прочитано:

970

УСОГЛАСЕНИ ЗАКОНИ И СОСТАВ НА ПРЕОДНАТА ВЛАДА: Финализиран договорот за излез од политичката криза – избори на 24 април

Петок, 6 ноември 2015 – Партиските лидери на ВМРО -ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ И ДПА постигнаа договор за состав на преодна влада, притоа усогласувајќи ги и ставовите околу законите за Влада, изборниот закон, законот за „свиркачите“ и за заштитата на приватноста. Договорено е избори да се одржат на 24 април.

влада

Според договореното, министер за внатрешни работи треба да биде Оливер Спасовски, за труд и социјална политика Фросина Ременски. Заменици – министри ќе бидат Александар Кирацовски, во Министерството за администрација и информатичко општество, Кире Наумов во финансии, а Љупчо Николовски  во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Фросина Ременски, Кире Наумов, Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Оливер Спасовски

Груевски: Народот ќе го има последниот збор и суд

Премиерот Никола Груевски изразува задоволство од договореното, додавајќи дека главната цел на ВМРО- ­ДПМНЕ е постигната, а тоа е  одржување на изборите на 24 април, на кои, како што рече, граѓаните ќе имаат можност да го кажат последниот збор.

„Изборите се желба на ВМРО-ДПМНЕ да се излезе пред граѓаните и граѓаните да го дадат својот суд. Тие се тие што одлучуваат. Тие и овојпат ќе покажат пред целата европска и светска јавност дека не е можно со валкани игри да се дојде до победа. Тоа сакам да го види СДСМ. Да се покаже дека со интриги и валкани игри, наместо со труд и работа не се доаѓа на власт“, истакна премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, на крајот од средбата. Тој додаде дека усогласен е Законот за Влада, според кој, „никој нема да  може да биде исфрлен од работа од МВР или пак сменет, а да не е тоа по закон“.

Заев: Да ја подобриме Македонија со демократизација на институциите

„Ова го правиме да добиеме гаранција за граѓаните за слободно изразена волја на изборите на 24-ти април, каде што покрај власта, гарантира и опозицијата. Истовремено, во овој период да ја подобриме нашата Македонија со демократизација на институциите, пред се во делот на медиумите, во правосудството, во другите корективи во општеството, како Антикорупциската комисија и некои други институции, затоа што зголемена демократија во институциите ќе значи дека сите сме победници“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Конкретизација на договорените законски измени и дополнувања

Партиските работни групи денеска треба да ги конкретизираат деталите околу подготовката на законите кои беа предмет на преговорите, а во врска со изборното законодавство, дојавувачите на корупција, и Законот за Влада. Според некои неофицијални информации од работните групи,  замениците министри ќе имаат право на вето само за прашања што се однесуваат на изборите, додека пак, т.н. Закон за бомбите ќе предвидува казни  за објавување на материјали со кои би се загрозила приватноста на луѓето.

M.В