/ Прочитано:

710

Уставен ја отфрли иницијативата на Жерновски за спорните ДУП-ови во Општина Центар

Вторник, 25 ноември 2014 – Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оспорување на уставноста и законитоста на двата спорни урбанистички плана „Тасино Чешмиче“ и „Капиштец-Водно“, која беше поднесена од градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Спорните ДУП-ови беа донесени со 11 гласа „за“ и 11 „против“, што според Жерновски нема никаква смисла тие да се сметаат за донесени.

„Оценувањето на одлуките не е уставна категорија, освен во случај на Бадентерово мнозинство. Надлежен за надзор на општинските одлуки е Инспекторатот за локална самоуправа“, велат од Уставен суд.

При разгледувањето на иницијативата од страна на Уставниот суд, мнозинството членови одлучија иницијативата да биде отфрлена, затоа што при нејзино разгледување, според нив,  требало да се земе предвид само Законот за просторно и урбанистичко планирање, но не и другите закони на кои се повикал Жерновски во иницијативата. 

Остри критики за ваквиот предлог упатија само неколку од судиите, за кои беше спорно што не се зема во предвид Законот за локална самоуправа.  Повикувајќи се на судската пракса, тие потсетија на случаи во кои Уставниот суд заземал став, повел постапка, па дури и воведувал времена мерка стопирање на општински одлуки, што не ги предомисли мнозинството судии.

Инаку, градоначалникот во иницијативата наведе дека спорните ДУП-ови не се во согласност на Генералниот урбанистички план, а дека не е испочитуван ниту Законот за локална самоуправа.

Mинатата недела беше одложена расправата за спорните урбанистички планови со кои се предвидува изградба на десеткатница во падините на Водно. Според Жерновски судиите се под политички притисок.