/ Прочитано:

794

УСТАВЕН СУД: Карикатурата не смее да биде неограничена

Четврток, 26 март 2015 – За Уставниот суд е јасно дека хуморот и сатирата како посебни форми на уметничко изразување по својата природа и суштина секогаш вклучуваат определен степен на претерување и провокација, и во таа смисла и нивните автори уживаат заштита. Сепак, Уставниот суд смета дека авторите не се имуни од, како што нагласува, можноста за ограничувања. Од друга страна, пак, Уставниот суд заклучува дека треба да постои поголем степен на толеранција при критиката на јавните личности.

„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, со однесување, со објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед.“

Според „Фронт за слобода на изразувањето“, вака поставената одредба е спротивна на членот 10 од Европската конвенција за човекови права.

Kарикатуратa или пантомимата не би смееле да бидат ограничени

„Со оваа законска дефиниција се опфатени сите форми на манифестирање на човековата личност, вклучувајќи и некои форми на политичко и уметничко изразување кои, во согласност со Конвенцијата, не би смееле да бидат ограничени заради остварување на легитимната цел – угледот на другите (пр. карикатура или пантомима). Оттука, цитираната одредба со која се дефинира навредата е прешироко поставена, така што на граѓаните им е оневозможено со сигурност да ги предвидат последиците од определено дејствие“, сметаат од Фронтот за слобода за изразувањето, став кој беше инкорпориран и во Иницијативата до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, за која Уставниот суд не поведе постапка.

Уставен суд: Авторите не се имуни од ограничување

Од Уставниот суд велат дека им е сосема јасно што претставуваат хуморот и сатирата.

„Имено, за Судот е јасно дека хуморот и сатирата како посебни форми на уметничко изразување по својата природа и суштина секогаш вклучуваат определен степен на претерување, па дури и провокација, и во таа смисла и нивните автори уживаат заштита во согласност со членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Како што честопати укажувал Европскиот суд за човекови права во својата практика: „Слободата на изразување се однесува не само на информации и идеи, кои се позитивно прифатени во јавноста, туку и на она изразување кое: ’ја навредува, ја шокира или ја вознемирува Државата или кој било дел од населението’… Оние кои создаваат, кои изведуваат, кои дистрибуираат или кои прикажуваат уметнички дела придонесуваат за размена на идеи и мислења, што е суштинско за едно демократско општество. Оттука и обврската на Државата да не навлегува неоправдано во нивната слобода на изразување“, образложуваат од Уставниот суд.

Но, според Судот, уметниците и оние што ја промовираат нивната работа не се имуни од, како што нагласува, можноста за ограничувања предвидени во ставот 2 на членот 10 од Конвенцијата.

„Судот смета дека е неприфатлив ставот во Иницијативата дека карикатурата и пантомимата како форми на уметничко изразување според Конвенцијата воопшто не би смееле да бидат ограничени заради остварување на легитимната цел – угледот на другите, од причина што во определени случаи одредени уметнички дела можат да бидат сметани за исклучително навредливи за религиозните или за моралните убедувања на членови на определена вера или пак да се сметаат за клеветнички или навредливи за одредени лица идентификувани низ делото“, посочуваат од Судот.

Да се цени од случај до случај

Уставниот суд заклучува дека различните форми на уметничко и сатирично изразување не би можеле однапред и автоматски да се сметаат за ненавредливи, туку нивниот ефект би требало да се цени од случај на случај, при што особено треба да се ценат конкретните околности, како што се: предметот на уметничкото изразување, неговиот контекст, статусот на инволвираното лице, намерата на авторот за повреда на правата на другиот, формата на изразувањето и слично.

„Останува на Судот, во склад со добрата практика, домашна и меѓународна, да оценува од случај до случај дали со одредено уметничко изразување е нанесена клевета и навреда. Значи, конкретната оцена е задача на судовите што го применуваат законот во одделни случаи“, сметаат од Уставниот суд.

Судот резимира дека гарантирањето на слободата на изразување според членот 10 од Конвенцијата во едно демократско општество нагласено вклучува и интензивна јавна дебата и изразување на критичко мислење, особено за државата, за јавните институции и за политичките субјекти.

Вели дека потребата за јавна дебата преку интензивната размена на информации и слободното изразување на мислењето по нив го обезбедува функционирањето на едно отворено, демократско општество кое се произнесува по прашања од јавен интерес.

Судовите при нивната работа мораат да водат сметка за спонтaна автоцензура

Во таа смисла се подразбира и дека судовите при нивната работа мораат да водат сметка и да го избегнуваат т.н. ефект на одвраќање, воздржување (chilling effect) или на рестриктивна мерка која би дејствувала како спонтана самоцензура на средствата за јавно информирање при пренесување на информации кои се од општ, јавен интерес.

По однос на оспорената одредба, Судот смета дека таа, според дадената формулација, исто така не ги стеснува „границите на дозволената критика“, кои очекувано треба да бидат поеластични и пошироки по однос на владата и политичарите, наспроти граѓаните.

Треба да постои поголем степен на толеранција при критиката на јавни личности

„Контекстот на Законот го имплицира тоа и, во склад со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, јасно е дека треба да постои поголем степен на толеранција при критиката на јавни личности, особено кога се покренуваат прашања на нивното работење кои се од јавен интерес за целото општество“, наведуваат од Уставниот суд.

М.В/veljanoskim@akademik.mk