/ Прочитано:

1.032

Уставен суд на седница одлучуваше за два закона

Среда, 30 октомви 2013 – Уставниот суд на Република Македонија на денешната прва седница во новиот објект расправаше и одлучуваше за одредби од два закони, еден подзаконски акт и за едно Барање за заштита на слободи и права, пренесува МИА. 

Судиите расправале за член 49, став 1, точките 1 и 2 од Законот за вршење сметководствени работи, кои се однесуваат на право на сметководители кои имаат искуство над осум или десет години, а се со средно или вишо образование, а не со високо, да можат да добијат уверение за овластени сметководители без оглед што немаат високо образование.

По расправата, Судот одлучил да не поведе постапка, оценувајќи дека е право на законодавецот да ги уреди условите под кои ќе се врши одредена дејност, а во тие рамки и да определи дали на искуството од практиката ќе му се овозможи да се дообразува независно што го немаат предвиденото образование.

Судот распавал и одлучувал за Законот за банките, донесен 2007 година, а дополнуван три пати досега. Во прашање е членот 137, ставовите 3 и 4 со кои се овластува гувернерот да може да го ограничи правото на глас на акционер во деловна банка, како и да му го ограничи право на исплата на дивиденда, а покрај тоа и да определи и спроведе продажба на акциите на деловната банка доколку утврди дека акциите се нелегално стекнати.

За овие одредби Уставниот суд повел постапка на 26 јуни годинава оценувајќи дека се сомнева во согласноста на овие законски одредби со уставното загарантираното право на сопственост. По денешната расправа предлогот за интервенција во законската одредба не го доби потребно мнозинство поради отсуство на двајца судии и немање мнозинство од вкупно девет гласа, поради што одлучувањето е одложено за наредната седница.

Судиите расправале и за подзаконскиот акт наречен Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење донесени од Трговското друштво наречено „Дистрибуција на топлина“ во 2012 година. Во тој акт се оспорени три одредби, при што за членовите 37 и 38, Судот по расправата одлучил да ја отфрли иницијативата бидејќи оцени дека содржината на тие одредби за исклучување на корисници од топлинска мрежа кои живеат во колективни објекти се договорни правила, а не одредби кои се во функција на извршување на законски одредби. Поради тоа, таквите одредби немаат карактер на задолжителни правни норми, туку на договорни норми за кои Уставниот суд не е надлежен.

Во однос на членот 36 Судот утврдил дека со него се предвидува дека потрошувач кој живее во колективен објект може да биде исклучен од дистрибутерот доколку претходно добие согласност од останатите  потрошувачи во тој објект. Таквата одредба до пред некој месец беше содржана во правилата за снабдување со топлинска енергија кој акт беше донесен од Регулаторната комисија за енергетија, а Уставниот суд интервенираше укинувајќи ја таа одредба. При таква состојба судиите одлучиле да се одложи одлучувањето за наредна седница, бидејќи денеска немаше мнозинство по предлогот да се отфрли иницијативата во овој дел од членот 36.

Судот расправал и за Барање за заштита на слободите и правата поднесено од Трговско друштво за вработување на инвалидни лица од Скопје, со кое се оспорува пресуда на Врховен суд донесена по барање за ревизија, а која пресуда е донесена во март 2013 година. По расправата Судот го отфрлил Барањето затоа што оцени дека со него се оспоруваат прашања во врска со права од работен однос, а не прашања во врска со области за кои е надлежен Уставниот суд