/ Прочитано:

1.682

УСТАВЕН СУД: Не е уставно граѓаните да плаќаат надоместок за постапка, покрај плаќањето на такса и глоба

Среда, 1 јули 2015 – Познатиот македонски правник Стамен Филипов до Уставниот суд на Република Македонија поднесе Иницијатива за оценување на уставноста на членот 4 став 2 алинеја 2 и дел од членот 8 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Уставниот суд донесе решение со кое поведува постапка за оценување на уставноста за конкретните одредби.

Според наводите од Иницијативата, оспорениот член 4 став 2 алинеја 2 од Законот, според тоа како бил формулиран, се однесувал на осуда за кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина на санкција, што претставувало ограничување по сила на закон, по однос на правото на претседателот или членот на Државната комисија да ја врши својата должност и во случај кога кривичното дело, за кое е осудено лицето, не било во никаква врска со вршењето на оваа дејност.

„Формулацијата на оспорената законска одредба не е доволно прецизна и јасна и не им обезбедува правна сигурност на граѓаните“, се посочува во Иницијативата, во која се аргументира дека оспорениот дел од членот 8 став 1 од Законот немал уставен основ.

„Нема уставен основ ако се имало предвид дека граѓаните покрај глобата и административната такса, врз основа на оспорениот дел, требале да платат и надоместок за водење на постапката, но во зависност од изречената глоба. Законодавецот „заборавил“ дека Република Македонија е социјална држава“, се наведува во Иницијативата.

Од анализата на сите цитирани законски одредби, Судот утврдил дека трошоците на постапката не се издатоци кои се однапред мерливи и кои можат да бидат определени во зависност од висината на изречената глоба, туку тоа се издатоци на постапката кои се пресметуваат во зависност од секое конкретно преземено дејствие, за секој индивидуален случај и се засметуваат откако ќе заврши постапката, заедно со одлуката за главната работа или посебно, но по спроведување на сите потребни дејствија за секој индивидуален случај.

„Административните такси се, пак, со закон однапред определени вредности, чија висина зависи од тоа какво дејствие бара странката од управниот орган или какво дејствие ќе треба да преземе органот по повод барањето на странката“, истакнуваат од Уставниот суд во Решението.

„Ако се има предвид дека Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка е еден ист државен орган кој презема исти или слични дејствија, како во постапката за прекршоци, така и во постапката за инспекциски надзор, останува нејасно од кои причини законодавецот само по однос на прекршочната постапка предвидува плаќање на трошоци на постапката и тоа врз основа на изречената глоба.Оттаму, според Судот, ваквото уредување нема уставен и законски основ, од каде оспорениот дел може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со начелото на владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот“, сметаат од Уставниот суд.

М.В / veljanoskim@akademik.mk