/ Прочитано:

693

Уставен суд: Расправа за одредби од Законот за прекинување на бременоста

Среда, 18 декември 2013 – Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница расправаше за уставноста на четири закони и еден подзаконски акт.

Судиите расправаа за одредби од Законот за прекинување на бременоста или познат во јавноста како „Закон за абортуси“, донесен оваа година. Предмет на расправа беа член 6, став 4 и член 19, став 2 од овој Закон. Членот 6, став 4 предвидува министерот за здравство со посебен акт да ја определува содржината на советувањето од докторот на бремената жена која се определила да ја прекине бременоста, а член 19, став 2 предвидува министерот за здравство да го пропише медицинскиот протокол за постапката за изведување на прекинување на бременоста.

По расправата Судот одлучи да не поведе постапка за ниедна од овие две оспорени одредби, бидејќи оцени дека таквите законски овластувања за министерот всушност значат уредување на начинот и на постапката за прекин на бременоста во ситуација кога во самиот Закон се уредени условите под кои тоа може да се направи. Значи, овластувањето на министерот е во функција на извршување на законските одредби и не е мериторно овластување за министерот самиот да одредува услови за прекин на бременоста.

Судот расправаше и за Законот за безбедност и здравје при работа донесен во 2007 година и дополнуван четирипати досега. Поблиску определено во прашање е член 53, став 2, алинеја 6 во која се предвидува можност член на прекршочна комисија од сферата на безбедноста и здравје при работа, тој член да може да се разреши ако се утврди дека настанала повреда на прекршочната постапка, а кое прекршување на постапката е утврдена со правосилна одлука.

По расправата, Судот одлучи да не поведе постапка затоа што смета дека при постоење на правосилна одлука со која е утврдено прекршување на постапката за утврдување на прекршокот и тоа дека е направено од член на комисијата Судот смета дека оној што го избрал членот може и да одлучи да биде разрешен во ситуација кога постои објективен факт – правосилна одлука со која се утврдува постоење на повреда на прекршочната постапка од членот на комисијата.

 На денешната седница се водеше расправа и за членот 4, став 5 од Законот за Управата за јавни приходи и за членот 2, став 4 од Законот за даночна постапка. Првиот, за Управата за јавни приходи е донесен 2005 и дополнуван четирипати досега, а вториот Законот за даночна постапка е донесен 2006 година и дополнуван осум пати досега. Во двата случаи Судот веќе расправал и одлучувал. Поради тоа сега Судот не наоѓа причини за поинакво одлучување и затоа одлучи да ја отфрли новата иницијатива.

 Последниот акт за кој Судот денеска расправаше е Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела кој акт е донесен од Собранието на ЗАМП во ноември 2011 година. И за овој акт оспорен со иницијатива која беше денеска предмет на разгледување од аспект на постапката на донесување на Правилникот, Судот констатира дека веќе расправал за тој аспект на оспорување на овој акт и оти сега исто така нема основи за поинакво одлучување, поради што и за оваа иницијатива Судот се произнесе со отфрлање како пресудена работа.

Денешен весник