/ Прочитано:

2.333

УСТАВНА ТУЖБА ВО МАКЕДОНИЈА – Експертите порачуваат: Со ваква пасивизираност на Уставниот суд, тешко дека идејата ќе профункционира во пракса!

Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) во рамките на проектот „Основни права – Сместување во европската рамка“ организираше експертска дебата за воведувањето на Уставната тужба во Република Македонија, на која дискутираа Костадин Богданов, владин агент пред Европскиот суд за човекови права и Маргарита Цаца – Николовска, судија на Уставниот суд на Босна и Херцеговина и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права. Општиот заклучок од дебатираните прашања колку уставната тужба ќе ја подобри состојбата на заштита на човековите права и како таа би се одразила врз судството е дека идејата е позитивна, но со оглед на покажаната волја и пракса на Уставниот суд да одлучува за веќе постоечки прашања од таа проблематика – таа идеја „тешко би се реализирала во пракса“.

Кои се предностите на уставната тужба?

Според показателите, уставната тужба е воведена во сите држави од регионот и се заснова на принципот на супсидијарност  – принцип кој го бара Советот на Европа. Во домашниот правен систем постојат области за кои или нема правен лек или предвидениот правен лек е неефикасен, па така апликантите директно се жалат во Стразбур.

Во хипотетички „идеална“ ситуација, со уставната тужба граѓаните условно би дошле многу побрзо до правдата, а Уставниот суд веднаш би разгледал и би одлучил дали определено законско решение или постапка на кое се жали граѓанинот, е во согласност со Уставот.

Колку воведувањето на уставната тужба ќе ја подобри состојбата со заштитата на човековите права и како уставната тужба би се одразила на належноста и работата на Уставниот суд е прашањето кое се наметнува пред македонскиот правосуден и уставно-правен систем, кој, за експертите, не може доследно да се одговори ако се продолжи со истата практика на пасивизација на заштита на човековите права низ уставно-судската призма.

Зајакната е правната свест, ама слабо се „барата“ со конвенциското право

Според владиниот агент во ЕСЧП, Костадин Богданов, статистиката покажува дека зголемен е бројот на апликации до Европскиот суд за човекови права, меѓутоа зголемен е и бројот на тужби кои се отфрлени од страна на судот.

„Во Судот има 450 до 500 апликации на годишно ниво, што е показател дека е зголемена свеста за конвенциските права, но нивното отфрлање уште од првиот филтер говори дека со овие права слабо се „барата“, истакна Богданов.

Тој посочи дека за да се отстрани ваквата практика на слабо „баратање“ со конвенциските права треба да се засили едукативниот капацитет на повисоко ниво со поголема вклученост на адвокатурата во тој процес, како служба која најдоследно ќе одговори на ова прашање, иако, адвокатско-судските примери покажуваат дека и во оваа дејност постои едукативна стагнација за поинтензивно и поефективно ангажирање околу правата и постапките кои произлегуваат од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Богданов се осврна на толкувањето на принципот на супсидијарност според кој домашните судски  инстанци први треба да ги решаваат предметите како облигаторност, но и логичен каузалитет на она што во Европскиот суд се нарекува двонасочен дијалог, односно и во интерес на самиот Европски суд е да го погледне, како што истакна тој – „размислувањето“ на домашните судови.

Македонија со хибриден систем на уставна тужба  – но без уставно право на „Фер судење“ ?

„Во Македонија постои еден хибриден систем по ова прашање, а во Уставот не постои „фер судење“ како право, додека праксата на Европскиот суд во однос на апликациите го покажува токму тоа, односно 60% од апликациите отпаѓаат на фер судењето“, посочи Богданов.

Владиниот агент рече дека доколку би се извршиле промени на заштитниот уставно-судски систем тоа би се движело во насока на можна промена на Уставот во тој контекст, интервенции во надлежностите на Уставниот суд и ревидирање на неговата работа, во функција на поинтензивно одлучување, но и воедначеност на судската пракса.

„Доколку Македонија ја воведе Уставната тужба како ефикасен домашен правен лек, сите апликанти пред да одат во Стразбург  ќе бидат должни да го искористат овој домашен правен лек и со самото тоа се дава можност Уставниот суд да ја реведира ситуацијата пред да се испрати во Стразбур“, објасни Богданов, додавајќи дека во иднина во согласност со последните ратификации во рамки на Советот на Европа, уставните судови ќе може да се обратат до Европскиот суд за разгледување на некое домицилно правно-судско прашање пред уставните судови.

Идејата е преку Уставниот суд побрзо да се дојде до правдата

Според него, со воведување на Уставната тужба граѓаните би дошле многу побрзо до правдата, отколку да чекаат со години во ЕСЧП, а Уставниот суд ќе има можност ексклузивно да разгледа дали определено законско решение на кое се жали граѓанинот е во согласност со Уставот и правата загарантирани во него.

„Карактеристична ситуација е, на пример, кога повредата може да настане во постапка пред Врховниот суд, бидејќи во тој случај правен лек нема. Идејата е за сите жалбени наводи по определено прашање пред да се изнесат во Евроспкиот суд е да се остави можност Уставниот суд да ја реведира состојбата на домашно ниво“, појасни Богданов.

Фер судењето е апсолвирано со судската поставеност во Уставот – Уставниот суд „бега“ од должностите

Според Маргарита Цаца-Николовска, судија во Уставниот суд на Босна и Херцеговина и поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, прашањето за „воведување на уставна тужба“ не би можело така да се формулира затоа што веќе таквата можност постои за определени енумерирани права во согласност со Уставот.

„Темелните вредности и владеењето на правото се вредности кои неминовно се поврзани со човековите права“, истакна Цаца – Николовска според која посочувањето на Богданов за „фер судењето“ во уставен контекст е апсолвирано и со самата поделба на власта, односно со втемелувањето на судството како независна власт која според законите треба да го обезбеди фер судењето.

Судијката понатаму го постави прашањето за дистинктивноста на „доделувањето“ и „гарантирањето“ на правата, укажувајќи дека вистинската заштита на правата мора да произведува ефект, кој во македонскиот случај е доведен под знак прашање затоа што уставно-правните историски околности најдобро го посочуваат тоа.

Македонскиот Уставен суд – последен во регионот по употребата на правниот инструмент за заштита на предвидените права

„Уште со ратификацијата на Европската Конвенција за човековите права во 1997 година ова прашање требало да биде предмет на перманентна едукација, а денес Уставниот суд може со едно пошироко толкување да прифати одредени права“, децидно истакна Цаца – Николовска.

Според неа, македонскиот Уставен суд е единствен во регионот кој многу малку ја употребува уставната тужба како правен инструмент и механизам на заштита за оние права кои што ги предвидел Уставот за да може да се заштитат пред него.

„Сметам дека има и други права кои преку уставна тужба треба да им се даде можност Уставниот суд да утврди за интервенцијата во даденото право, каква е и дали има повреда на човековото право. За жал, Уставниот суд и кога има можност вели НЕ, а може и од самиот Деловник да „влече“ надлежности ! Во Македонија постои и проблем во однос на одлуките на Врховниот суд и евентуалната одлука на Уставниот суд кога ќе ја цени оваа пресуда на Врховниот суд во делот на интервенција на правото“, потенцираше судијката, додавајќи дека тоа се должи или на непознавање или на несакање да се разгледува и одлучува за тоа.

Таа илустративно го опиша делувањето на Уставниот суд: „Иако судиите имаат таква обврска – тие не го прават тоа. Еве и денес кога треба да се присутни, нив ги нема“, демонстративно рече таа.

Босанскиот модел дава сериозно продуктивни резултати

Судијката смета дека не може да се очекува дека Уставниот суд би преземал нешто, со оглед на неговата пракса и посочи дека залудно е да се говори за уставна тужба кога Уставниот суд едноставно не одлучува за таквите веќе постоечки барања од граѓаните, притоа искажувајќи уште една дилема дека низ практиката постои и друга дистинктивност препознаена како – граѓански и човекови права.

„Што се граѓански, а што се човекови права?“, запраша таа, акцентирајќи дека низ законодавната практика во однос на ова прашање можни се и ситуации кои внесуваат конфузија дури и од лексично-правен момент.

Како што истакна судијката, босанските искуства се позитивни. Големата ефикасност, задолжително одлучување и рокот од 6 месеци за судски происход на поведена постапка се одликите кои се клучни за ова прашање, кое пак погледнато од македонски аспект евидентно укажува дека самото траење на постапката пред Уставниот суд е проблем што постои и ќе постои.

За Германија „да не правиме муабет“

„Должината на постапките пред Уставниот суд е проблематична, а кој пак би ја одредувал самата должина на постапката пред Уставниот суд по поднесена тужба“, ја посочи Цаца – Николовска една од клучните точки во врска со начелото на експедитивност на постапката, кое, според неа, нелогично и неправдано се занемарува пред македонскиот Уставен суд притоа упатувајќи го примерот на лустрацијата.

Рецепт за ефикасна уставна тужба: Ефективно делување на Уставниот суд и користење на европските правосудни искуства низ праксата

„Доколку пак ги споредиме германските искуства, впечатокот би бил поразителен“, резимираше судијката, одново потенцирајќи дека клучот за ефикасност на уставната тужба сепак е во рацете на уставните судии, но и на целокупниот правосуден систем генерално, за што и вземно согласувајќи се со владиниот агент Богданов констатираа дека аргументите од европската судска емпирија слабо се користат во македонската адвокатска и судксата практика – а се услов без кој не се може!

Објавено: 21 март 2014

Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk