/ Прочитано:

3.888

Уставната судијка Габер-Дамјановска за случајот со новинарите отстранети од Собранието во своето издвоено мислење се повика на праксата на ЕСЧП

„Ограничувањата на слободата на изразување мора да бидат пропишани со закон, да се неопходни во едно демократско општество, да имаат за цел заштита на точно определени вредности“, се наведува во барањето за заштита на слободите и правата, кое до Уставниот суд го поднесоа новинарите кои беа физички отстранети од собраниската галерија додека ги проследуваа настаните кои се одвиваа во Собранието за време на седницата на донесувањето на Буџетот за 2012 година.

Ценејќи дека физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала, кое го налагала конкретната ситуација на, како што посочува Уставниот суд, ескалација на хаосот и безредието во салата, имало за цел да ги заштити новинарите и да обезбеди ред во салата, а не да ги оневозможи во вршењето на нивната дејност – информирање на јавноста и да им ја ограничи слободата на изразувањето, Уставниот суд го одби барањето на новинарите.

Со одлуката на мнозинството судии не се согласи судијката д-р Наташа Габер-Дамјановска која во своето издвоено мислење посочи дека: „Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за ‘безбедност на новинарите’, кога очевиден факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност.“

„Моето издвоено мислење се однесува првенствено на неможноста објективно да се произнесам за предметот, кој верувам дека е мошне специфичен случај за кој требаше да се земат предвид сите информации кои ги разјаснуваат правните и фактичките околности врзани со него. Со оглед на тоа дека информациите, фактите и доказите кои ги имаше Судот предвид при одлучувањето беа единствено од писмена природа, сметам дека беа недоволни да се донесе мериторна и темелно одмерена одлука. Воедно жалам што Судот не покажа спремност да се расчистат дилемите преку организирање на јавна расправа на која ќе се добиеше точен увид во фактичката состојба и изворно ќе се добиеја детални информации за настанот од сите инволвирани страни“, истакна судијката Габер-Дамјановска, која се повика и на Европската конвенција за заштита на човековите права, како и на праксата и сфаќањата на ЕСЧП, кој пак донесе пресуда во корист на отстранетите новинари.

Европскиот суд за човекови права, истакна судијката Габер-Дамјановска, го анализира секој случај во неговата целина и во контекст со околностите поврзани со него, при што предимство секогаш се дава на слободата на изразувањето, а секое нејзино ограничување мора да биде исклучок, кој ако постои, мора да биде интерпретиран многу строго и јасно.

„Таквата оцена особено води сметка применетата мерка или ограничување да биде пропишана со закон; да има јасна легитимна цел и таквото ограничување да е неопходно во демократско општество. Судот особено води сметка дали ограничувањето во конкретниот случај било ‘пропорционално на легитимната цел кон која води’ и дали образложението на националните власти било ‘релевантно и задоволувачко’. Општоприфатен став е дека здравата демократија претпоставува непосредна контрола не само од законодавецот и судските власти, но и од јавноста или медиумите кои ја негуваат виталноста на јавната дебата. Слободата на примање информации и идеи го опфаќа правото на барање, пристап и прибирање информации преку можни законски извори. Ова, секако, значи дека покрај медиумите и новинарите кои обезбедуваат информации за тие да ги испраќаат, во оваа слобода се опфаќа и правото на јавноста да биде адекватно информирана особено кога се работи за прашања од јавен интерес“, посочи судијката Габер-Дамјановска.

Во оваа насока, образложува судијката во своето издвоено мислење,  Европскиот суд за човекови права има јасен став дека државите не може да се постават меѓу предавателот и примачот на информации бидејќи тие имаат право да стапат во директен меѓусебен контакт по своја волја. Должност е на новинарите да пренесуваат информации и идеи за сите прашања од јавен интерес на начин, а во согласност со своите обврски и одговорности, при што јавноста има право да ги добива информациите.

Издвоеното мислење на судијката Габер – Дамјановска во целост 

СТРАЗБУР ПРЕСУДИ ВО КОРИСТ НА НОВИНАРИТЕ ОТСТРАНЕТИ ОД СОБРАНИЕТО ПРИ ДЕБАТАТА ЗА БУЏЕТОТ

М.В