/ Прочитано:

2.926

„Уставниот суд да не се става во улога на законодавец, туку да го штити начелото на поделба на власта“– ИГОР СПИРОВСКИ, адвокат и поранешен уставен судија

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување. Адвокатот Игор Спировски, поранешен уставен судија, генерален секретар на Собранието на Република Македонија, заменик член на Венецијанската комисија и правник со 24–годишен работен стаж во Уставниот суд, во кој ги стекнал сите звања од советник до генерален секретар на Судот, за Академик вели дека доколку Уставниот суд донесе одлука со која ќе ги укине одредбите за кои е поведена постапка, ќе ги повреди принципите на поделба на власта, со што директно ќе ја наруши својата основна улога – да ја штити таквата уставноутврдена поделба на власта.

akademik..

Во македонскиот  Устав  прерогативот за помилувањето не е безусловен

„Сѐ уште не е изготвено тоа решение за поведување на постапката и сѐ уште  никој нема увид во точните формулации и елементи кои ќе ги даде Судот,  иако од  медиумите слушнавме и прочитавме кои биле тие носечки ставови на седницата на  Судот. Не сакам да го коментирам тоа што сум го чул и што сум го видел од медиумите,  но ќе го кажам она што го знам и ќе го искажам своето мислење за прашањето за уставноста на овој закон. Почетната позиција во оцената на уставноста и на законите е да се види релевантната уставната норма и нејзината интерпретација. Оттаму мора да се почне. И од она што досега го слушам, тоа некако се прескокнува, а уставната норма дава многу одговори релевантни на ова прашање. Оваа прерогатива на претседателот на Републиката е дадена во членот 84 од Уставот, тоа е претпоследната алинеја и таа гласи дека претседателот на Република Македонија ‘дава помилувања во согласност со закон’. Во повеќето устави, кои мене ми се познати,  ја нема оваа додавка ‘во согласност со закон’. Претседателите на републиките  и  шефовите на држави, според Уставот, имаат прерогативи да даваат помилување и тука завршува. Уставот на Полска, Уставот на Романија  и Уставот на САД, на пример, само го даваат прерогативот, без условувања. Таквата формулација во тие устави е јасна основа дека никој не може дополнително да го условува и да го ограничува претседателот во рамките на вршењето на тој прерогатив.  Но, во нашиот Устав тој прерогатив не е безусловен. Напротив. Тој прерогатив, според Уставот, е  условен, како што е предвидено во членот 84 од Уставот, со закон. Законот во тој поглед може да утврди еден или повеќе услови од материјална и од процедурална природа, а за да донесе таков закон, законодавецот има директно овластување во Уставот“, вели Спировски.

Собранието има уставно овластување да биде кочница на претседателот

Меѓу тие услови, додава Спировски, како што е на пример дефиницијата на амнестијата и на помилувањето во Кривичниот законик, во овој закон се оди и дел потаму, при што законодавецот определил кривични дела за кои претседателот на Републиката не може да даде помилување.

„Според тоа, јас не би можел да го прифатам ставот, од она што го слушнав, дека со оваа законска норма Собранието се мешало во овластувањето на претседателот, па затоа била неуставна. Да, тоа се меша, но само врз основа на уставното овластување како кочница на претседателот. Уставот му дал такво овластување на Собранието да донесе закон  според кој претседателот на Републиката ќе го врши прерогативот давање помилување. Значи, тука има еден уставен контекст на регулирање на односите во рамките на поделбата на власта, еден очигледен и познат „систем на контрола и баланс“ кој на претседателот му дава овластување за нешто, но, од друга страна, истовремено, му дава и овластување на Парламентот, на законодавецот, да врши „контролапреку утврдување на услови од најразлична природа за вршењето на тој прерогатив“, појаснува Спировски.

Тој образложува дека Уставот е сосема јасен и дека самата условеност на прерогативот на помилувањето со закон е во насока на ограничување на апсолутната моќ на претседателот за вршење на помилувањето.

akademik..

Не постојат судски одговори за политички прашања

„Од тоа гледиште, за мене е извесно дека ако се истрае во натамошната фаза на постапката и ако Судот ги укине овие одредби,  а во светлината на оваа интерпретација ќе излезе дека Уставниот  суд наместо да ја штити поделбата на власта утврдена во Уставот и да ги држи носителите на власта во рамките на прерогативите кои се дадени во Уставот, сега ќе ја измести таа ситуација, и иако Уставот е јасен дека и законодавецот и претседателот, во контекст на помилувањето, имаат заедничка улога, ќе создаде основа за апсолутна моќ на вршење на тој прерогатив од страна на претседателот на Републиката. Вистина е дека претходниот Закон, пред измените,  немал такво ограничувања, меѓутоа ни тогаш не бил спротивен на Уставот. Зошто? Затоа што овластувањето на Собранието во овој контекст е водење на  правна политика, тоа е основна задача на Собранието. Прашањата дали ќе бидат исклучени некои дела од прерогативот за давање помилување или не, кои дела и зошто, дали настанале одредени околности во одредено време, во одреден период, пола век или 30 години, кога имало смисла да настанат такви ограничувања или, пак, нема да има никакви услови, тоа е оцена и одлука на законодавецот. Само законодавецот може да ја води таа правна политика во овој контекст и да утврди дали ќе има или нема да има дела што ќе бидат во рамките на прерогативот за давање помилување или ќе бидат исклучени од тој прерогатив на претседателот на Републиката. Тоа е совршено во согласност со оваа уставна норма – дека тој дава помилувања во согласност со закон“, вели Спировски.

„Не постојат судски одговори за политички прашања“, нагласува Спировски, повикувајќи се на прифатената доктрина на „политичко прашање“, за која и Уставниот суд имал претходни искуства и одлуки.

Не гледам повреда на некоја уставна норма

„Гледам дека во јавноста, што е нормално, се влегува во дебата дали има потреба да има помилување за ова или за она дело или нема (сега е актуелно за изборниот криминал, за педофилијата итн.), но прашањето од гледиште на Уставот не е дали Уставниот суд, или некој друг, смета дека треба или не треба, ( во надлежност на Собранието е да ја води таа правна политика), туку дали имало уставно овластување Собранието за тоа што го направило или немало и дали повредило некакви уставни одредби. Како што реков, јас не гледам повреда на  некоја уставна норма која забранува да се исклучат некои дела од прерогативот за претседателот затоа што прашањето дали треба да се вклучат такви  дела или не треба е прашање на правна политика, а не правно прашање. Познато е во правната теорија и пракса, а и во самата доктрина кој произлегува од САД , дека не постојат судски одговори за политички прашања“, вели Спировски.

Адвокатот Спировски потенцира дека прашањето дали треба да има „исклучување на одредени дела е прашање на правна политика“ и  тоа треба да се реши таму каде што е создадено – во Парламентот.

akademik..

 Уставниот суд ќе се стави на местото на Собранието

„Со оваа одлука, ако така заврши, излегува дека Уставниот суд влегува во прашања како треба да се формулира правната политика, а тоа е работа на Собранието. Прашањето што го слушнав некаде ‘зошто некои сторители на кривичните дела да немаат право на помилување, а други да имаат’ е неосновано затоа што не постои право  на помилување на граѓаните за да се стават во контекст на еднаквост, туку постои прерогатив за давање помилување. И оттука, Уставниот суд ако оди со оваа одлука, нема да направи ништо друго, туку ќе се стави на местото на Собранието и ќе ја врши неговата улога. Оцената дали треба да постојат вакви или други услови за помилување или не треба, е работа на Собранието, а не на Уставниот суд. Уставниот суд и претходно водел сметка за овие прашања и ја примени доктрината на политичко прашање во случајот „Тајван“. Тогаш се бараше Судот да ја укине одлуката на Владата за признавање на Тајван, но Уставниот суд ја отфрли таа иницијатива бидејќи се работеше за политичко прашање, бидејќи, во крајна линија, во надлежност на Владата е да признава држави и влади, а дали Владата ги почитувала законите за ратификација на меѓународни договори, со кои  Република Македонија презела одговорности кон Кина, не  прашање за Уставниот суд, туку е политичко прашање и тоа треба да се разгледува во Собранието. Такво е и ова прашање сега, не е прашање на Уставниот суд, туку е прашање што треба да се разгледува во Собранието на Република Македонија“, појаснува Спировски.

Тој нагласува дека доколку Уставниот суд донесе одлука за укинување на  одредбите за кои е поведена постапка,  ќе се остават далекосежни последици за уставната ситуација, и од гледиште на поделбата на власта и од гледиште на инволвирање на Судот во оцена на прашања што се во надлежност на Собранието. „Таквата одлука би значела дека Уставниот суд ќе ја земе улогата на еден од носителите на власта и ќе го заземе местото на Собранието“, предупредува тој.

Уставниот суд би му дал основа на претседателот да дава помилувања за кривични дела против човечноста

Спировски додава дека единственото правно прашање е исклучокот на давање помилување на кривични дела од Главата 34 од Кривичниот законик, како кривични дела против човечноста и меѓународното право.

„Ваквата одлука, ако вака заврши, ќе значи повреда на меѓународните обврски на Република Македонија, односно повреда на меѓународно јавно право,  и тоа на конвенционалното и обичајното право како темелна вредност. Според нашиот Кривичен законик, овие кривични дела не застаруваат, но тие не застаруваат ни  според меѓународното право ни според обичајното право.  Кога велам обичајно право, тука мислам на ставовите на Комитетот за човекови права на ОН, на Меѓународниот суд за поранешна Југославија, и на Интерамериканскиот суд за човекови права, па и на ставовите на  ЕСЧП. За тие дела не се прифаќа важење на амнестија затоа што давањето амнестија за такви дела сега се проширува и за тешки дела против човековите права (тортура, убиство, мачење цивили) за кои постои обврска во меѓународното право тие дела да се гонат од страна на државите. Судовите не ги прифаќаат локалните, националните закони за амнестија и, се разбира, важен сегмент од меѓународното јавно право е прифаќањето на универзална јурисдикција за такви дела. Човек може да се заштити локално во една земја со закон за амнестија, но кога ќе излезе од земјата и ќе дојде во културна и цивилизирана земја, ќе биде уапсен и ќе биде изведен пред суд за такви дела за кои меѓународното право не признава амнестија (па ни помилување). И сега излегува дека Уставниот суд вака би му сугерирал и би му дал основа на претседателот на Републиката да дава помилувања за дела за кои, според меѓународното право, не може да се даде и за кои не се признава амнестија, посебно што и според нашето право гонењето за тие дела не застарува“, образложува Спировски.

Уставниот суд да ја види пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот „Маргуш против Хрватска“

Како што потенцира еден од подобрите познавачи на уставната материја во Македонија, Уставниот суд за сите три точки ќе има „голем проблем“ затоа што тие не можат да се образложат. За овој проблем со меѓународното право, Спировски посочува дека би било добро Уставниот суд да ја види пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот „Маргуш против Хрватска“.

„Во оваа пресуда сублимирано се дадени и развојните компоненти на меѓународно право и состојбата во 2014 година и верувам дека увидот во тие правнорелевантни извори би му ги проширил видиците и би му влијаел за донесување одлука која би можеле да ја цениме како  разумна одлука“, советува Спировски.

akademik..

Да се организира јавна расправа за овој предмет – правниците да ги кажат своите аргументи

„Има уште време. Ова е само решение за поведување постапка за таа законска одредба. Тоа решение ќе се даде на  одговор до Собранието.  Колку што  знам,  Собранието и Владата  дале свои одговори, па Уставниот суд ќе може да размисли уште еднаш пред да донесе одлука. Можеби е паметно во ваква ситуација, како што гледам има доста реакции од страна на правниците од сите сфери, да се организира една јавна расправа за овој предмет,  па да се соочат мислења, ставови и аргументи за да се донесе одлука која ќе биде сериозно основана“, вели адвокатот Игор Спировски.

Во духот на Келзеновите постулати, заштитата на поделбата на власта е основната задача на Судот

Како одличен познавач на уставноправната материја, Спировски истакнува дека Уставниот суд мора аргументирано да ги образложува своите одлуки и особено да внимава на заштитата на поделбата на власта, што е во духот на Келзеновите постулати на уставното судство.

„Заштитата на поделбата на власта е основната задача на Судот, така е создаден и  европскиот модел на Уставниот суд во Австрија по идејата на Келзен. Сега нашиот Уставен суд, а тргнувајќи од основните постулати на уставното судство, има терен да го зајакне Уставот во едно темелно начело кое треба да го заштити. Ако не го направи тоа, а мислам дека  со ваков  развој можно е да постапи спротивно, тогаш прашање е како ќе може да го објасни тоа. Јас во едно издвоено мислење напишав  дека таа (тогашна) одлука може да се изгласа, но не може да се образложи. Слично е и сега. Уставниот суд треба да го изрече  и да го објасни правото, да даде една насока, неговите одлуки се за пола век!“, нагласува Спировски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk