/ Прочитано:

5.168

Уставниот суд го укина членот 144 од Законот за судска служба: Противуставно е судските службеници да доставуваат докази за познавање странски јазик и компјутери

Доставуваат докази за познавање странски јазик и компјутери е противуставно, смета Уставниот суд, кој на денешната седница го укина членот 144 од Законот за судска служба.

akademik foto

Членот 144 од Законот за судска служба, кој беше укинат од Уставниот суд, се однесува на доставувањето докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење од страна на судскиот службеник.

„Судскиот службеник кој засновал работен однос во судот заклучно со денот на започнувањето со примената на овој закон, треба да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на неговото работно место“, се пропишуваше во ставот 1 од  укинатиот член 144.

Во истиот член од Законот за судска служба, во ставот 2, исто така, се пропишуваше дека судскиот службеник кој нема да достави докази за познавање на странски јазици и познавање на работа со компјутерски програми за канцелариско работење ќе биде распореден на работно место за една категорија пониско од работното место на кое бил во моментот на влегување во сила на Законот, освен судските службеници кои на денот на отпочнување со примена на овој закон биле распоредени на работно место на влезните нивоа.

За уставноста на повеќе решенија во Законот за судска служба претходно алармираа и од Здружението за судска администрација. Во таа насока, и претседателот на Здружението, Борче Мирчески, нагласи дека Законот за судска служба има штетни,  демотивирачки и противуставни решенија за судската администрација. Потребата од законски измени беше причината и за штрајкот на судската администрација.

Претседателот на Здружението за судска администрација, Борче Мирчески, ја поздравува одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 144 од Законот за судска служба, нагласувајќи дека Здружението за судска администрација и УПОЗ во Иницијативата до Судот потенцирале дека ваквиот член е противуставен и дискриминаторски.

УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА СУДСКА СЛУЖБА: Противуставно доставување докази за познавање странски јазици и компјутерски програми

М.В