/ Прочитано:

837

Уставниот суд ја отфрли Иницијативата за Рамуш Харадинај: Оспорено беше неговото прогласување за почесен граѓанин на Тетово

Вторник, 24 март 2015 – Уставниот суд на Република Македонија ја отфрли Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за прогласување на Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово.

Иницијативата беше поднесена од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа на Република Македонија.

Во Иницијативата подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и предлага Уставниот суд да донесе одлука со која како незаконита ќе ја поништи Одлуката за прогласување на Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово.

„Државниот инспекторат за локална самоуправа донел Решение број 17-810/1 од 26 март 2013 година со кое се запира примената на Одлуката за прогласување на Г-дин Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово, заведена под број 07-300/3 од 31.01.2013 година, донесена од Советот на Општина Тетово и објавена во („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.48/2013). Во иницијативата, подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и предлага Уставниот суд да донесе одлука со која како незаконита ќе ја поништи Одлуката за прогласување на Г-дин Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово, заведена под број 07-300/3 од 31.01.2013 година, донесена од Советот на Општина Тетово и објавена во („Службен гласник на Општина Тетово “ бр.48/2013)“, стои во Решението на Уставниот суд.

Уставниот суд наведува дека од содржината на оспорената Одлука произлегува дека таа е поединечен акт со која Рамуш Харадинај се прогласува за почесен граѓанин на Општина Тетово.

Уставниот суд смета дека оспорената Одлука нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија и претставува конкретен, поединечен акт.

„Од содржината на оспорената Одлука произлегува дека таа е поединечен акт со која Рамуш Харадинај се прогласува за почесен граѓанин на Општина Тетово и се однесува за точно определен субјект, што значи дека со овој поединечен акт се регулираат односи inter partes, и истиот не е пропис кој на општ начин уредува определени односи, односно прашања, или, пак, кој утврдува односи на неопределен број субјекти во правото, erga omnes“, се наведува во решението на Судот.

Од тие причини Судот оценил дека не е надлежен да оценува дали е таа во согласност со Законот за локалната самоуправа и ја отфрла Иницијативата.

М.В