/ Прочитано:

1.030

УСТАВНИОТ СУД ЈА УКИНА „ФАКУЛТЕТСКАТА“ ОДРЕДБА ЗА АПТЕКИТЕ: Противуставно е да можат да основаат аптека само лица со високо образование

Петок, 3 јули 2015 – Уставниот суд го укина членот 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала.

Според укинатиот член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала, основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец-поединец, ДОО или ДООЕЛ, чиј основач, односно чии основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата. „Според тоа, секое лице не може да биде основач на правно лице за вршење промет на мало со лекови – аптека, иако секое лице, кое поседува капитал, има право слободно да располага и да управува со својот капитал во која и да е област (член 3 став 1 точка 37 од Законот за трговските друштва)“, посочуваат од Уставниот суд. Од Уставниот суд  истакнуваат дека видот и степенот на образованието на основачот претставуваат ограничување на субјектите за слободно настапување на пазарот и претприемништвото, односно давање можност за монопол на основачките права за дејноста аптека само на одреден круг лица на пазарот, а не на сите што сакаат, што можат и што имаат капитал да се вклучат на пазарот како основачи на правно лице аптека. „Имајќи предвид дека основач е секое лице кое вложува капитал при формирање и регистрирање на едно правно лице заради настапување на пазарот преку вршење на дејност, со детерминирањето кој може да биде основач на аптека, се стеснува кругот на субјектите кои ќе можат да основаат аптека, а со тоа и директно влијание по однос застапеноста на аптеките на пазарот, бидејќи не сите лица со завршено високо образование од областа на фармацијата го имаат потребниот капитал, волја и управувачки можности да се јават на пазарот како основачи и управувачи на правно лице аптека“, сметаат од Уставниот суд. М.В / veljanoskim@akademik.mk