/ Прочитано:

1.443

Уставниот суд поведе постапка за членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори

По иницијатива на адвокатот и медијатор Гордана Каракалашева- Трајковска од Скопје, адвокатот и медијатор Весна Јовановска од Скопје и Комората на медијатори на Република Македонија, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори.

Со оспорениот член 2 од Правилникот, донесен од министерот за правда, се определуваат испитните сесии во текот на годината кога се полага испитот за медијатори.

Меѓутоа, според член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација, Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, врз основа на начелото на самостојност и стручност, ги утврдува испитните сесии за полагање на испитот за медијатор.

Оттука произлегува дека законодавецот го овластил министерот за правда да ги пропише условите и начинот на полагање на испитот за медијатори (член 51, став 8), но за утврдување на испитните сесии за спроведување на испитот законодавецот го овластил Одборот.

Поради наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Правилникот за полагање на испитот за медијатори со член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, во кој се пропишува дека:

„Во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.

М.В