/ Прочитано:

1.950

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за пензиското и инвалидското осигурување

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за дел од членот 136 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што предвидува за обнова на постапка, откога ќе биде донесено решението на пензискиот осигуреник, да може без рок во иднина да се поведува обнова на постапка за промена на решението за пензискиот осигуреник. Ставот на Судот е дека во правниот систем не може нешто да биде без рокови, затоа што сите постапки и во граѓанското, и во кривичното и во управното право секогаш се со рокови.

Во членот 136 од Законот за за пензиското и инвалидското осигурување поконкретно се пропишува:

(1) Ако по донесувањето на конечното решение се сознае за нови факти, или се најдат, односно се добие можност да се употребат нови докази кои сами или во врска со веќе изведените и употребените докази би можеле да доведат до поинакво решение, ако тие факти, односно докази би биле изнесени или употребени во поранешната постапка, може по исклучок од условите кои во такви случаи според Законот за општата управна постапка се бараат за покренување – обнова на постапката, да се покрене обнова на постапката по однос на правата од пензиското и инвалидското осигурување и кога е пропуштено во поранешната постапка да се изнесе некој од тие факти, односно докази.

(2) Обнова на постапката се покренува по барање на странката или по службена должност.

(3) Обнова на постапката во случаите од ставот (1) на овој член се покренува без оглед на роковите што се предвидени во Законот за општата управна постапка за барање обнова на постапката, осносно покренување на таквата постапка.

(4) Ако барањето за обнова на постапката е поднесено, односно постапката за обнова е покрената во рок од пет години од денот на врачувањето на решението на странката, во постапката за обнова се применуваат прописите што важеле во време на донесувањето на решението. Ако барањето е поднесено, односно постапката за обнова е покрената по истекот на овој рок, во постапката за обнова се применуваат прописите кои важеле во времето на поднесувањето на барањето за обнова на постапката, односно во времето на покренувањето на таа постапка.

(5) Во постапката за решавање на барањата за обнова на постапката за утврдување на пензиски стаж се применуваат одредбите на Законот за општата управна постапка.

На денешната седница Судот поведе постапка и за Одлуката донесена од Советот на Општина Центар – Скопје за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје – Мал ринг“ – Општина Центар донесена од Советот на Општина Центар – Скопје  од март годинава. Постапката е поведена  бидејќи Советот на Општина Центар не може да поништува урбанистички планови донесени во легална постапка.

М.В