/ Прочитано:

991

УСТАВНИОТ СУД: Противуставна е неможноста да се поднесе жалба против решението на стечајниот судија за распределба на имотот

Уставниот суд на Република Македонија го укина членот 9 став 5 од Законот за заклучување на стечајните постапки остварени во согласност со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај.

akad 2

Во укинатиот став 5 од членот 9 на посочениот закон се пропишуваше дека „Против решението на стечајниот судија за распределба на имотот не е дозволено правото на жалба“.

Уставниот суд нагласува дека исклучувањето на можноста да се поднесе жалба против решението на стечајниот судија за распределба на имотот е противуставно, додавајќи  дека и според членот 13 од Законот за вонпарнична постапка за постапување и одлучување во вонпарничната постапка се надлежни основните судови.

„Видно од членот 9 став 5 од оспорениот закон, законодавецот го исклучил правото на жалба против решението со кое стечајниот судија врши распределба на имотот, што значи дека постапката завршува со донесување на наведеното решение од страна на првостепениот суд, без можност за уставно гарантираната двостепеност на судската постапка. Ова дотолку повеќе што ова решение на кое е исклучено правото на жалба е основ за упис на правото на сопственост на недвижниот имот во јавните книги во кои се упишува правото на сопственост. Оттука, дотолку повеќе е неопходна контрола и двостепеност на постапката со цел ревизија на постапката на донесување на решението на стечајниот судија во прв степен, а што е задолжително во смисла на Амандманот XXI од Уставот“, се вели во Oдлуката на Уставниот суд.

Според овој амандман на Уставот, законодавецот е должен да овозможи право на жалба против секоја одлука на судот донесена во прв степен.

„Владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, се изразува преку цврстата уставна определба дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, се вели во одлуката на Судот.

М.В