/ Прочитано:

716

Уставниот суд расправаше и одлучуваше за уставност на одредби од пет закони и еден подзаконски акт

Среда, 2 април 2014 – Уставниот суд на денешната седница расправаше и одлучуваше за уставност на одредби од пет закони и еден подзаконски акт.

Судот не поведе постапка за три члена од Законот за заштита на личните податоци, односно за член 8, став 2, алинеа 9, за член 14, став 3 и за член 50-Б,  став 1, точка 6. Не поведе постапка и за член 266-Б, став 4, точка 5 од Законот за работни односи.

На денешната седница Судот ги отфрли иницијативите за оценување на уставноста за 13 члена од Законот за постапување за бесправно изградени објекти. Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 36, став 1, точка 5 од Законот за култура. Во однос на член 164, став 1, алинеа 1 и член 147, став 1, 2 и 5 од Законот за радиодифузна дејност, Судот го одложи одлучувањето за наредната седница заради доутврдување на фактите.

Во однос на подзаконскиот акт кој се однесува на одлука за определување на имиња на улици во општина Свети Николе, донесена во јануари 2014 година од Советот на општината, Судот ја отфрли иницијативата. Таа е отфрлена од причина што Советот на општина Свети Николе, на 27 февруари 2014 година ја укинал оспорената одлука и оти таа повеќе не е во правниот поредок.