/ Прочитано:

3.227

Уставниот суд укина одлука за утврдување на цена на комунална услуга на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“

По иницијатива на адвокатот Емил Османов, Уставниот суд ја укина Одлуката за утврдување на цена на комунална услуга – собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад бр. 02-165/5 од 19.6.2015 година, донесена од Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“.

Како што истакнува Уставниот суд во својата одлука, комунал­ната дејност собирање и транспортирање на комуналниот отпад може да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините, кои како даватели на услугите се овластени да ги утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќање на оваа кому­нална услуга, и тоа по претходно одобрување од Советот на општината.

Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“ ја донел оспорената одлука за утврдување на ценатa на комуналната услуга собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад, а Советот на Општината Чучер-Сандево дал согласност за неа со Одлука број 08-854/7 од 30.6.2015 година („Службен гласник на Општина Чучер Сандево“, број 7/2015).
Од содржината на оспорената одлука, Судот утврди дека Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“ ја утврдил цената за услугата според единица денар по квадратен метар површина на деловните објекти односно простории, што е неоспорно законски предвидена мерна единица. Меѓутоа, со оспорената одлука се врши различен третман и поделба на една цена за деловни објекти со површина до 100 м2 и друга цена за деловни објекти со површина над 100 м2.

Ваквото класифицирање на деловни објекти со групирање според големината на површината на просторот на објектите, при што во зависност од површината се определува една цена за површина до 100 м2, а друга цена за површина над 100 м2, нема законски основ и претставува нееднакво третирање на корисниците на деловните објекти во однос на цената за комуналната услуга која им се пресметува на месечно ниво, доведувајќи ги во нееднаква положба деловните субјекти, што не е во согласност со одредбите од Законот за управување со отпад.

„Имајќи го предвид наведеното, а со оглед на тоа што подзаконските акти мора да бидат во согласност со Устав и закон, што воедно е и принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и член 121 став 3 од Законот за управување со отпад“, се вели во одлуката на Судот.

М.В