/Прочитано:

499

Уставниот суд укина одредба од измените и дополнувањата на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост

Уставниот суд го укина членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Со измените во Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 154/2014 од 30 септември 2014 година, во кој е содржан оспорениот член 15 од Законот, се предвидува:

„Во членот 79 во ставот 3, зборовите: „став (5)“ се заменуваат со зборовите: „став (6)“.

„Од цитираната содржина на членот 79 од основниот текст на Законот произлегува дека тој има вкупно (5) става и во ставот (3), кој претрпел измена со оспорениот член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, егзистираат зборовите ставовите (1) и (2), а никаде не се споменува зборот став (5), на што основано се укажува во иницијативата во која оваа одредба се оспорува од аспект на принципот на владеењето на правото“, образложуваат од Уставниот суд.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во членот 8 ставот 1 алинејата 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми.

Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, истакнуваат од Судот, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со оспорениот член 15 од оспорениот закон.

Со оглед на тоа што оспорениот член 15 од Законот содржи повикување на ставот 6 од членот 79 од Законот, кој не постои во правниот поредок, Судот оцени дека членот 15 од оспорениот закон не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвиден во членот 8 ставот 1 алинејата 3 од Уставот, владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како нејзин составен дел.

М.В