/ Прочитано:

4.056

Уставниот суд укина одредба од Законот за административни службеници: Противуставни се различните услови за престанок на работниот однос за жени

Уставниот суд го укина членот 98 став 5 алинеја 6 од Законот за административни службеници.

Жени директорки

Во членот 98 од Законот за административни службеници, кој се однесува на престанокот на работниот однос на административниот службеник, меѓу другото, се пропишуваше и дека:

На административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон, ако: наврши 62, 63, 64 или 65 години старост (за жени), односно 64, 65, 66 или 67 години старост (за мажи)“.

Оваа законска одредба, истакнаа Стамен Филипов и Народниот правобранител како подносители на Иницијативата до Уставниот суд, не е во согласност со начелото на еднаквост на граѓаните и начелото на достапност на секое работно место за секого под еднакви услови. Со оваа одредба се пропишуваат различни услови за престанок на работниот однос за жена, за разлика од условите за престанок на работниот однос на маж. Тоа, посочија Филипов и Народниот правобранител, не е во согласност со Уставот.

„Според Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување и секое работно место му е достапно на секого под еднакви услови. Уставна обврска на законодавецот била при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучувајќи го и престанокот на работниот однос на административните службеници по сила на закон, граѓаните да ги става во еднаква правна положба по наведените основи, па и по основ на пол“, истакнуваат Стамен Филипов и Народниот правобранител како подносители на Иницијативата за оспорување на членот 98 став 5 алинеја 6 од Законот за административни службеници.

Според Уставниот суд, оспорената одредба на членот 98 став 5 алинеја 6 од Законот не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. За Уставниот суд, исто така, оспорената одредба е спротивна од начелото на владеењето на правото бидејќи е нејасна, непрецизна и неконзистентна, што доведува до правна несигурност кај граѓаните.

„Предвидувањето со оспорената одредба на административните службеници да им престане работниот однос на различна возраст во зависност од полот значи нееднаков однос кон граѓаните по основ на пол секогаш кога условите за престанок на работниот однос по сила на закон и утврдени со посебен закон се различни за мажите и жените, како што е овој случај“, истакнаа од Уставниот суд.

УСТАВНИОТ СУД: Противуставно е на административните службеници да им престанува работниот однос на различна возраст во зависност од полот

М.В