/ Прочитано:

2.707

Уставниот суд укина одредба од Законот за судска служба со која судскиот администратор беше ставен во привилегирана положба

Уставниот суд на Република Македонија го укина членот 91 став 2 во делот: „освен судскиот администратор“ од Законот за судска служба. Подносител на иницијативата е Ѓорге Поп-Кочев, адвокат од Скопје.

Во став 1 од член 91 од Законот за судска служба, кој се однесува на дисциплинската одговорност,  се вели дека судскиот службеник е лично одговорен за вршењето на работите и работните задачи од работното место. Во ставот 2, пак, од истиот член се предвидуваше дека за повреда на службената должност судскиот службеник, освен судскиот администратор, одговара дисциплински.

Адвокатот Ѓорге Поп-Кочев во Иницијативата истакна дека со оспорената одредба била експлицитно исклучена дисциплинската одговорност само на една категорија судски службеници – судскиот администратор. При состојба кога со посебен закон – Законот за судска служба, судскиот администратор се изземал од секаква одговорност за непочитување на работната дисциплина, стручното и совесно вршење на службената должност и угледот на судот, спротивно на член 9 од Уставот, се создавала една посебна категорија вработени лица кои немаат никаква дисциплинска одговорност во врска со нивните обврски од работниот однос.

Според подносителот на Иницијативата, постоела неусогласеност на Законот за судската служба со Уставот во делот кој се однесува на дисциплинската одговорност на судскиот администратор, наспроти дисциплинската одговорност на сите други категории судски службеници.

„Одредбата од член 91, став 2 од Законот за судската служба, во оспорениот дел, била дискриминаторска и создавала нееднаквост пред законот на судските службеници во поглед на нивната дисциплинска одговорност. Со наведената одредба од Законот за судска служба, кој бил lex specialis, била исклучена примената на одредбите за дисциплинска одговорност пропишани со другите закони кои ги уредуваат правата и обврските од работен однос и имаат супсидиjaрна примена како lex generalis“, велат од Уставниот суд.

Според подносителот на Иницијативата, одредбата од член 92, став 2 од законот, во оспорениот дел била спротивна на член 9 од Уставот, а нејзиниот дискриминаторски и неуставен карактер се однесувал на судските службеници, но и на сите други административни и други категории службеници во државните органи, вработените во приватниот сектор, како и на судиите, јавните обвинители и други функционери, адвокатите, извршителите и другите категории лица за кои во соодветните закони била предвидена дисциплинска одговорност за уредно вршење на работните должности во законски пропишана постапка. Впрочем, одговорност за стручно и совесно вршење на службената должност била пропишана дури и за највисоките државни органи, како што се министрите, претседателот на Владата, претседателот на Собранието, претседателот на Републиката и др.

Според Уставниот суд, со изземањето на судскиот администратор од секаква одговорност за непочитување на работната дисциплина, стручното и совесно вршење на службената должност, судскиот администратор се става во привилегирана положба во однос на другите службеници во судот кои исто така имаат статус на судски службеници.

Судот, исто така, смета дека одговорноста на секој вработен во државните органи пред законот претставува составен елемент на принципот на владеењето на правото, така што изземањето на одделни категории лица од одговорност претставува повреда на уставното начело на владеењето на правото.
M.В.