/ Прочитано:

2.142

Уставниот суд укина одредби од Законот за административни службеници во врска со веродостојноста на доказите при вработување

akademik foto

Укинатите одредби од членот 42, ставови 4 и 5 и на членот 91 став 3 од Законот за административни службеници, за кои претходно поведе постапка Уставниот суд, се однесуваат на проверката на веродостојност на докази и интервју и одлуката на Владата за утврдување на додатокот на плата на административниот службеник.

Со укинатите ставови 4 и 5 на членот 42 од Законот, се предвидуваше дека доколку надлежните органи утврдат вина на кандидатот за доставување на лажни докази, се должни во рок од 30 дена да ја известат Агенцијата за администрација, при што кандидатот се евидентира во Агенцијата и не може да се вработи како административен службеник во период од 10 години од денот на неговото евидентирање во Агенцијата.

Понатаму, со ставот 5 од овој член се пропишуваше дека доколку надлежните органи не утврдат вина на кандидатот за доставување на лажни докази, се должни во рок од 30 дена да ја известат Агенцијата за администрација, при што кандидатот се брише од евиденцијата на Агенцијата и има право да се пријави на следните јавни огласи.

Судот го укина и ставот 3 на членот 91 од Законот, со кој се предвидуваше дека доколку Владата оцени дека додатокот на плата го постигне саканиот ефект на вработливост и задржливост, ќе донесе одлука со која ќе го утврди износот на додатокот и датумот кога ќе влезе во сила.

Уставниот суд во месец април годинава, на Иницијатива на Стамен Филипов, го укина членот 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници, со кој се предвидуваше дека кон пријавата кандидатите за вработување задолжително треба да прикачат и доказ дека не им е изречена казна забрана за вршење на професија, дејност или должност.

Исто така, во месец јули годинава, на иницијатива на Народниот правобранител, Уставниот суд ги укина членот 108 и членот 109 од Законот за административни службеници, со кои се предвидуваше вработените административни службеници да достават докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми до раководното лице во институцијата во која работат.

УСТАВНИОТ СУД ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ЗА ОДРЕДБИ ОД ЗАКОНОТ ЗА СУДСКА СЛУЖБА: Противуставно доставување докази за познавање странски јазици и компјутерски програми

М.В